Линкови за пристапност

Неутралноста на интернетот во САД може да значи трговска војна со Кина


Експерти предупредуваат дека одлуката на Федералната комисија за комуникации би резултирала со обновена битка во кибернетскиот простор меѓу американски и кинески компании

Неодамнешната одлука на Федералната комисија за комуникации за укинување на неутралноста на интернетот со која се воведоа правила за спречување на селективното блокирање или забавување на веб-страниците, има широки импликации за Кина, која никогаш не веруваше во неутралноста на интернетот и забрани оперативност на стотици странски веб-страници во земјата. Американската одлука можно е да резултира во голема трговска војна, во која би биле вклучени кинеските телекомуникациски и интернет-компании, заинтересирани за пристап до пазарот на САД, велат аналитичарите.

Овој потег ќе им овозможи на американските понудувачи на телекомуникациски услуги да наплаќаат диференцијални цени за различни услуги, па дури и да ги испитаат податоците на своите клиенти. Иако овој аспект предизвика контроверзи во САД, ситуацијата се` уште е многу различна од реалноста во Кина.

„Во Кина, владата ги следи и контролира мрежите, додека во САД, барем засега, тоа го прават телекомуникациски компании. Во моментов, владата нема пристап, знаеме дека нема пристап до манипулирање со протокот на тоа што може да се најде на интернет“, смета Аја Лепонен, професор на Катедрата за применета економија и менаџмент при Универзитет Корнел.

Одлуката на Федералната комисија за комуникации може да им помогне на американските телекомуникациски компании да понудат високи цени за премиум-услугите.

Но, ова воедно ќе отвори можност за давателите на услуги во САД да наплаќаат високи стапки од странските клиенти. Во моментов, странските компании имаат лесен пристап до американскиот кибернетски пазар, без да се соочат со отпорот со кој се соочуваат американските компании во Кина и на други места.

Поентата е да се примени притисок врз Кина да го отвори својот интернет-пазар за американските компании, во замена за сличен третман во САД. Вашингтон вообичаено избегнува „игри“ од ваков вид, но ситуацијата можно е да се промени под администрацијата на претседателот Доналд Трамп, сметаат експертите.

Кина се залага за идејата за „суверенитет на интернет“, што на владите им овозможува да создадат граници во кибернетскиот простор и да блокираат странски веб-страници, на кои гледа како на потенцијални закани по безбедноста. Застапниците на „отворен интернет“ протестираат против идејата за „суверенитет на интернет“.

Администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, лобираше и беше во разговори со Кина речиси една деценија, за отворање на пристапот до интернет за американските компании како Јутјуб, Твитер и Нетфликс. Тоа беше важен аспект на годишниот стратешки економски дијалог меѓу двете земји.

Одлуката на Комисијата за комуникации, заедно со контроверзата околу наводното шпионирање на Русија, е морална инјекција за поддршка на кинеските ограничувања на интернет. Меѓу нив се и забраните на поголемите веб-страници како Гугл, Јутјуб и Твитер.

Во меѓувреме, кинеските експерти негодуваат за новата мерка предложена во американскиот Конгрес, со која делови на владата на САД, од безбедносни причини, би биле спречени да соработуваат со понудувачите на услуги кои користат каква било опрема од две кинески компании, Хуавеи (Huawei) и „ЗТИ“ (ZTE).

Истовремено, аналитичарите додаваат дека кинеските компании не можат туку така да се откажат од американскиот пазар и само да се фокусираат на помалите, доколку навистина сакаат да ги постигнат своите глобални цели.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG