Линкови за пристапност

Кина користи тактики на Кремљ да шири дезинформации, велат аналитичарите


Според нив, стратегијата на Пекинг сега е поагресивна, префрлајќи го фокусот кон Западот, копирајќи го рускиот начин на пропаганда

Кинеските пропагатори, слично како руските медиуми во сопственост на Кремљ, се фокусираат на проблемите со расна неправда и нееднакви примања во САД и Западна Европа, со цел да го тргнат вниманието од злоупотребата на човекови права од страна на Пекинг, вклучувајќи и притворање на над милион Угјури, велат аналитичарите.

„Граѓанските немири во САД против полициска бруталност врз Афроамериканците се користат да се одвратат критиките за полициското насилство врз продемократските демонстранти во Хонгконг“, се вели во неодамнешна студија на Атлантскиот совет во САД.

„Кинеските напори за дезинформирање стануваат пософистицирни“, рече Декстер Робертс од Атлантскиот совет.

Сара Кук, директорка за Кина и Хонгконг во „Фридом хаус“, исто така, напиша колумна во која истакна дека тактиките за дезинформирање на Пекинг зреат и стануваат пософистицирани.

Таа рече дека неодамнешни истражување укажале на тоа дека „значајни човечки и финансиски ресурси се посветуваат на напори за дезинформирање, се зголемува влијанието во целина, и врските меѓу официјални и лажни профили се се`поочигледни“.

„Кога ботовите на социјалните мрежи поврзани со Кина се појавија на глобалната дезинформативна сцена во 2019 година, повеќето аналитичари заклучија дека нивното влијание е доста ограничено“, рече таа, нагласувајќи дека сега ситуацијата се менува.

Кинеските пораки на социјалните мрежи, пак, го рефлектираат зголемениот фокус на Пекинг кон расната политика во САД.

Минатиот месец, Пекинг објави извештај за прекршување на човековите права и третманот на малцинствата во САД, велејќи дека „расизмот постои на сложен, систематски и продолжен начин“.

„Етничките малцинства во САД страдаат поради расната дискриминација“, рече Кинеската комунистичка влада.

Извештајот, меѓудругото, вели дека пандемијата на коронавирус во Америка излегла од контрола, влошувајќи ги внтрешните етнички конфликти и социјални поделби, додавајќи дека тие уште повеќе допринеле кон злоупотребите на човековите права во државата.

Со години, Кинеската влада ги отфрлаше повеќето обвинувања за злоупотреба на човековите права, велејќи дека надворешните сили и западните медиуми треба да престанат да се мешаат во внатрешните работи на Кина

Аналитичарите велат дека стратегијата на Пекинг сега е поагресивна, префрлајќи го фокусот кон Западот, копирајќи ги тактиките на Кремљ.

Неколку дена пред да биде објавен овој извештај, државниот секретар на САД Ентони Блинкен и советникот за национална безбедност Џејк Саливан се сретнаа со кинеските колеги во Алјаска, на први разговори САД - Кина откако Џо Бајден стана претседател.

Блинкен тогаш рече дека Вашингтон е длабоко загрижен поради акциите на Кина, велејќи дека таквите постапки се закана за глобалната стабилност.

Кинеските претставници, пак, возвратија со забелешки за мешањето на САД во внатрешните работи на Кина, нагласувајќи ги и проблемите со правата во Америка.

„Кина направи постепен напредок во однос на човековите права. Факт е дека има многу проблеми во САД со човековите права“, изјавија тие.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG