Линкови за пристапност

Кина протерала 18 странски новинари изминатава година


Кинескиот режим го засилува вознемирувањето на странски дописници, на кои гледа како на непосакувани сведоци, вели организацијата „Репортери без граници“

Кинеската пропагандна машина вербално нападна двајца странски новинари за нивното известување за Ујгурите во Кина.

Џон Судворт, новинар во Би-би-си, и Вики Шју, истражувачка и новинарка во Австралија, одбија да бидат замолчени од киенската „нееднаква борба за контрола на идеи“.

Судворт, кој известува од Пекинг речиси девет години, се пресели со неговото семејство во Тајван минатата недела, по зголемени закани и притисок од страна на властите.

Во објавен текст, тој рече дека кинеските дипломати, кои ги опиша како волци поради нивниот поагресивен пристап, имале серија твитови, осудувајќи го странското известување, вклучително и на Би-би-си.

Пекинг изгледа дека гледа на странскиот дописник во Кина како на непосакуван сведок, изјавија од организацијата „Репортери без граници“.

„Кинескиот режим го засилува вознемирувањето на странски дописници за да направи што е можно потешко за нив да ја извршуваат работата“, изјавија од „Репортери без граници“ за Гласот на Америка.

Пекинг протерал 18 странски дописници од Кина изминатава година, велат оттаму.

Гласот на Америка не доби одговор на барањата за изјава од Судворт и Шју.

Сепак, во објавениот текст, Судворт вели дека просторот за странско новинарство во Кина се намалува, и оти Комунистичката партија инвестира во нејзината медиумска стратегија надвор од државата, искористувајќи ја можноста за лесен пристап до слободни и отворени медиуми.

Кина негираше дека Судворт бил во ризик и оти Кинеската влада му се заканувала.

„Слушнавме дека две лица може ќе го тужат за клевета, но, тоа нема никаква врска со Владата“, изјави Министерството за надворешни работи на брифинг минатата недела, додавајќи дека Судворт требало да остане за да ја докаже неговата невиност на суд.

Но, новинарот, во неговиот извештај за Би-би-си, рече дека судскиот систем во Кина не е независен, и оти претставува продолжена гранка на Комунистичката партија.

И новинарката во Австралија беше цел на напади на социјалните медиуми оваа недела, во обид да се дискредитира поради нејзиното известување за Ујгурите.

Како дел од очигледната кампања, државните медиуми и социјалните мрежи објавија содржини, нарекувајќи ја „женски ѓавол“.

Аналитичарите велат дека Кина гледа на странските новинари како дел од растечките тензии со западните влади, обидувајќи се да ја замолчи опозицијата и да ги избрка новинарите, поднесувајќи им тужби.

Тие сметаат дека демократиите треба да се обединат против нападите на Кина врз слободата на печатот и говорот, кои се универзални човекови права.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG