Кинеската влада тврди дека 98 големи државни компании постигнале значително подобри финансиски резултати во 2017-та година, споредено со последните пет години. Овие компании, чија вкупна вредност се проценува на околу девет трилиони долари, минатата година оствариле извонреден профит од 218 милијарди долари, што претставува пораст од 15,2 проценти. Тоа е двојно повисока стапка од онаа на националниот економски раст.
Експертите внимателно го разгледуваат извештајот, бидејќи на државниот сектор отпаѓаат речиси 60 проценти од индустријата во државата, а тука се вклучени секторите за експлоатација на природни ресурси, челик, енергетика, тешката машинерија, телекомуникации, одбрана и инфраструктура, каде што приватниот сектор има мала или никаква улога.
Податоците на владата предизвикаа изненадување, бидејќи државните претпријатија се познати по корупција и неефикасност. Многу економисти тврдат дека тие се товар за националната економија.
Центарот за односи со странство, со седиште во Њујорк, неодамна објави дека во периодот од 2011-та до 2016-та година, профитот на кинеските државни претпријатија опаднал за 33 проценти. Во истиот период кај претпријатијата во приватниот сектор тој се зголемил за 18 проценти. Сепак, владата и државните банки продолжиле со финансирање на државниот сектор, каде завршиле 80 проценти од вкупното финансирање.
Според експертите, државните претпријатија успеале да излезат со подобар биланс во 2017-та година, благодарение на помошта од владата. Според нив, немало вистинско подобрување во нивните управувачки капацитети и конкурентност на пазарот.
Една од причините за подобрениот извештај може да биде затворањето на десетици рудници за јаглен, топилници за челик и други фабрики, како дел од напорите за надминување на проблемите со преголемиот капацитет и хроничната загуба.
Подобрување било постигнато и со продажбата и размена на натрупаниот долг, во висина од 20 до 30 проценти од оригиналната вредност. Тоа довело до големи загуби за банките и финансиските агенции кои издале кредити, но бил намален притисокот врз државните компании.
Спојувањето на компании исто така ја елиминирало конкуренцијата, создавајќи монопол.
Создавање монопол
„Оние кои преживеале, ќе можат да уживаат во монополот, и во големите профити поради монополот“, вели професорот по финансии и сметководство на CEIBS, Оливер Руи.
Државната Комисија за надзор и администрација за управување со средства во државна сопственост, којашто управува со 98 претпријатија, тврди дека постигнале голем успех во намалувањето на долгот на претпријатијата.
Раководителот Шен Јинг, изјави дека државните претпријатија се сигурни и способни да го вратат долгот и да ги спречат системските ризици во 2018-та година.
Нова норма
Подобрувањето на пазарните цени на добрата произведени од страна на државните претпријатија, исто така одиграло улога во подобрените биланси.
Владата во јавноста кажува дека се фокусира на квалитетот на животот, како што е образованието, здравството и намалување на сиромаштијата, а бројките за бруто домашниот производ не се толку важни.
Но, истовремено, ја притиска индустријата да постигне повисок раст, бидејќи не може да си дозволи големо економско забавување, велат аналитичарите. Во овој поглед, владата е принудена да се потпре на државниот сектор многу повеќе отколку на приватниот.
Facebook Forum