Линкови за пристапност

Кинеските инвестиции во источна Европа под лупа на ЕУ


Кинескиот премиер Ли Киџијанг утре во Софија ќе се сретне со лидерите на земјите од источна Европа, а на средбите ќе бидат разгледани ветувањата на Пекинг за големи инфрастуктурни договори во регионот

Кина утре се среќава со лидерите од централна и источна Европа, на самит на кој ветувањата на Пекинг за големи инфраструктурни договори ќе бидат предмет на поголем надзор.

Претставници од балтичките и балканските земји ќе се сретнат со кинескиот премиер Ли Киџијанг на седмиот по ред самит „16+1“, што ќе се одржи во Софија, надевајќи се на нови инвестиции од кинески компании поддржани од државните банки.

Покрај самитот, на специјалниот економски форум, се очекува да присуствуваат преку 250 кинески компании и 700 бизнисмени од централна и источна Европа.

„Главната цел ни` е да го зголемиме кинеското деловно присуство во Бугарија и во целиот регион на централна и источна Европа“, изјави за Ројтерс бугарскиот заменик-министер за надворешни работи, Ѓорѓи Георгиев.

Настанот, што се одржува на помалку од две недели пред годишниот самит на Европската унија со Кина во Пекинг, не е многу популарен во Брисел, затоа што го гледа како обид за поделба на Унијата. ЕУ воедно се спротивставува на кинескиот притисок, на состанокот во Пекинг да се согласи на заеднички став против трговската политика на САД.

Кина негира дека сака да ја ослабе ЕУ.

Посетата на Ли, кој во Софија пристигна во четвртокот, е прва официјална посета на кинески премиер на Бугарија изминативе речиси две децении.

„Кина, сега и во иднина, ја поддржува европската интеграција и поздравува обединета, стабилна, отворена, просперитетна Европа и силно евро“, истакна Ли.

Покрај Кина, 16 земји кои учествуваат на средбите, се и членки на ЕУ: Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка и Словенија, како и земјите кои не се членки: Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија.

Првично одржан во Варшава во 2012 година, форматот на почетокот доби позитивни критики, со оглед на тоа дека Кина вети милијарди долари за заеми и инвестиции за земји кои се потпираат на фондовите за развој на ЕУ или, во случајот на посиромашниот Западен Балкан, очаен за надворешни средства за изградба на железници, патишта, аеродроми и елекроцентрали.

Но, одредени земји почнаа да се жалат поради недостиг на резултати, кои понекогаш вклучуваа кинеска работна сила и материјали, финансиски и договорни услови, како и потешкотии со стандардите на ЕУ.

Агендата на самитот овојпат е поскромна, делумно поради тоа што се одржува само седум месеци по последната средба во Унгарија.

Претходно годинава, европски официјални лица, за Ројтерс изјавија дека Кина размислува да почне да организира самити два пати во годината, делумно поради тоа што беше загрижена дека форматот му штети на нејзиниот имиџ во Западна Европа.

Но, Пекинг ненадејно го промени курсот, и датумот го закажа многу порано од очекуваното, непосредно пред закажаните консултации меѓу кинески и германски владини претставници во Берлин, на кои ќе присуствува и премиерот Ли.

Кина и домаќинот Бугарија се обидуваат да најдат усогласено коминике на самитот, велат европските дипломати, додавајќи дека одделни влади се обидуваат во него да бидат одразени нивните интереси.

ЕУ ќе има статус на набљудувач на самитот, а Грција, која не е дел од „16+1“, е исто така поканета.

Полска изрази фрустрираност за начинот на кој биле организирани овие средби и кажа дека кинески компании не ги исполниле своите ветувања за неколку градежни проекти во земјата.

Словачка кажа дека во државата во моментов нема поголеми кинески инвестиции, додека Романија не е задоволна од напредокот на договорот со Кина за дополнителна изградба на нуклеарни реактори во земјата, вреден седум милијарди долари.

Унгарија и Србија, сепак, остануваат ентузијасти. Делегација од германски и француски дипломати годинава беше во посета на Будимпешта, за да ја убеди Унгарија да се дистанцира од Кина, но според официјални лица во Берлин, не наишла на позитивна клима.

Многу од понудите за финансирање на инфраструктурата, се дел од планот на Пекинг, „Појас и пат“, чиј фокус е изградба на транспортни и трговски врски од Азија до Европа, бидејќи се чини дека Кина сака да го зголеми влијанието.

Кинеското Министерство за трговија, минатата година објави дека кумулативните инвестиции на Кина во земјите од централна и источна Европа, до 2016-та година, се зголемиле на преку 8 милијарди долари.

Според друга проценка, овојпат од Центарот за стратешки и меѓународни студии, Кина меѓу 2012-та и 2016-та година, за инвестиции ветила околу 15 милијарди долари.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG