Претседателот Обама пристигна во Кан, имајќи ги во фокус должничките проблеми на Европа.
Кризата, што се рашири од Грција, најверојатно ќе доминира на дводневниот самит на големите индустриски држави. Проблемот го забави светскиот економски растеж.
Лидерите на ЕУ минатата недела се согласија на предлогот за смирување на должничката криза, што вклучува фонд од кој задолжените држави ќе можат да позајмуваат повеќе пари од банките.
Но, грчката влада го стави договорот под прашање неделава кога соопшти дека ќе бара од гласачите, многу од кои се против мерките на штедење, да одлучат дали да го имплементираат планот.
По пристигнувањето во Франција претседателот Обама замина на одвоени средби со францускиот претседател Николас Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел.
Лидерите на двете најголеми економии во Европа се обидуваа да го убедат грчкиот премиер Џорџ Папандреу да не распишува референдум.
Грција не е членка на Г20, но Папандреу е во Кан да ја објасни владината одлука пред членовите на групата.
Прес секретарот на Белата Куќа Џеј Карни во среда кажа дека настаните во Грција ја нагласуваат потребата за обединување на Европа зад решителна акција за решавање на кризата.
Хедер Конли, директор на европските програми во вашингтонскиот Центар за стратешки и меѓународни студии, вели дека грчката одлука додава притисок на делегатите на Г20 да најдат решение.
Претседателот Обама и членовите на неговата администрација редовно се среќаваа со европските официјални лица во потрага по решенија за должничката криза.
Европските проблеми имаат директно влијание на американската економија. Првиот човек на американската Централна банка, претседателот на Федералните резерви Бен Бернанке, на новинарите во среда им кажа дека европските лидери понекогаш прифаќаат совет од Вашингтон, а понекогаш не, но додаде дека на крајот на европските лидери е да најдат решение за тешкиот проблем.
Во Кан Обама се очекува да го промовира неговиот Акт за креирање работни места од 447 милијарди долари, што е заглавен во Конгресот. Другите лидери во Г20, главно од Европа, се скептични за тоа дали претседателот може да ја надмине интензивната опозиција од Републиканците и неговиот слаб рејтинг.
Обама исто така во четврток треба да се сретне со трудовите лидери од големите индустриски држави, пред да земе учество на неколкуте средби со другите претставници на Г20.