Студијата инволвира генетички идентични глувци со канцерогени тумори. Некои глувци се ставени во стандардни лаборториски кафези, во групи по околу пет, со многу храна и вода. Друга група живеела во, како што велат истражувачите, збогатена средина – дваесетина глувци во еден кафез, со играчки, места за криење, и тркала за трчање.
Водечкиот автор Метју Дуринг од Универзитетот на Охајо, опишува што се случило по само три недели: „Тоа што не` изненади беше што кај животните со збогатена средина, ракот беше за 40 птоценти намален. Кога тоа збогатување на средината го продолживме на шест недели, ракот беше за околу 80 проценти помал – драматичен ефект, и не само тоа туку и 17 проценти од тие животни веќе немаа никаков тумор.“
Беа потребни неколку години натамошни експерименти и анализи, но Дуринг и колегите на крајот заклучиле дека умерен стрес од сите тие активности и интеракција активирале канал за комуникација што ги поттикнала масните клетки да престанат да ослободуваат хормон наречен лептин, што го забрзува растењето на ракот.
Дуринг вели дека поентата на студијата е што „дефинира нов пат по кој мозокот разговара со маснотијата“. Имено, „мозокот е активиран од оваа предизвикувачка средина и сигнализира на маснотијата да престане да го испушта овој хормон. И овој хормон го стимулира и храни растежот на ракот. Ова е наједноставна анализа на тоа што ние покажавме“.
Специјалноста на Дуринг е генетска терапија, заради што тој работи на начин за рекреирање на тој ефект со модифицирање на гени што го контролираат хормонот лептин. Но, студијата исто така сугерира дека помалку софистицирано решение може да биде корисно.
„Да се биде повеќе општествено ангажиран во средината, можеби во средина која е само поразлична, социјално попредизвикувачка, може да биде многу добра работа. Затоа, мислам дека студијата дава идеи на стручњаците кои работат со луѓе кои преживеале рак, како да изберат стил на живеење што за нив ќе биде од најголема корист“, вели тој.
Студијата е публикувана во журналот „Cell.“