Линкови за пристапност

Ќе има или не пакт за буџетот во САД?


Републиканските законодавци испраќаат мешани сигнали за подготвеноста за компромис со претседателот Обама

Со години, републиканците цврсто опонираат на зголемување на даноците како пат до намалување на дефицитот. Тие сепак не беа во состојба да го спречат автоматското кревање на даноците за оние со највисоки приходи на почетокот на годината. Но оттогаш, републиканските законодавци ги отфрлаа повиците на претседателот Обама за збир од намалувања на трошоците и дополнителни даночни приходи за намалување на дефицитот.

Спикерот на Претставничкиот дом Џон Бенер го повтори ставот за даноците на телевизиската програма „Оваа недела“ на АБЦ телевизијата, во неделата:

„Претседателот ги доби своите даночни зголемувања на 1 јануари. Разговорите за зголемување на даноците се завршени. Сега е време за справување со проблемот на трошоците“.

Но друг републикански законодавец кажа дека неговата партија може да биде расположена да земе предвид зголемени федерални приходи доколку демократите се согласат на штедење пари со реформи на програми кои обезбедуваат приход и здравствена грижа за пензионери. Сенаторот Боб Коркер зборуваше на „Фокс њуз сандеј“.

„Мислам дека републиканците, доколку видат вистинска реформа во ова поле, ќе бидат среќни да разгледаат даночна реформа што генерира дополнителен приход. И тоа не значи зголемена стапка. Тоа значи затворање на дупките во законот. Исто така значи аранжирање на нашиот даночен систем за да имаме економски растеж“.

Коркер е само еден републиканец, но неговите забелешки беа поздравени од демократскиот сенатор Ричард Дурбин, кој исто така се појави на програмата на телевизијата Фокс.

„Мислам дека тој даде искрен и конструктивен одговор. И сакам да му заблагодарам за тоа. Тоа што тој го кажа е основен принцип околу кој двете страни можат да се согласат“, рече Дурбин.

Во три посети на Капитол хил минатата недела претседателот Обама ги поттикна републиканските законодавци да престанат со опонирањето на новите даночни приходи, додека во исто време им кажа на демократите дека реформа на програмите за пензионерите е неизбежна. Сенаторот Дербин се согласува.

„За 10-12 години, здравствената заштита за сиромашните стари лица ќе пропадне. Ние сакаме да обезбедиме таа да биде достапна на многу идни генерации. И тоа значи дека треба да се направат реформи и некои конструктивни промени“.

Неделава, Конгресот ќе работи на наоѓање начин федералната влада да се финансира до крајот на фискалната година. Разговорите за долготраен буџетски договор најверојатно ќе продолжи во наредните месеци.

Овогодишниот буџетски дефицит е проектиран на 900 милијарди долари. Националниот долг на Америка надминува 16 трилиони долари.
XS
SM
MD
LG