Линкови за пристапност

Британија се надева на поддршка од НАТО


По тврдењето дека Русија можно е да стои зад труењето на британски државјанин, премиерката Меј добила поддршка на зборови, но никој не ветил примена на Членот 5, од Повелбата на Алијансата

Времето изминува за рокот на полноќ поставен од Британија, до кога Кремљ треба да објасни зошто нервен агенс изработен во Русија, бил употребен во труењето на поранешниот руски двоен шпион Сергеј Скрипл и неговата ќерка во јужна Англија.

Во меѓувреме, британските претставници се обидуват да добијат поддршка од западните сојузници, и се чини дека се подготвени, доколку е потребно, да се повикаат на Член 5 од Повелбата на НАТО за колективната одбрана, која беше искористена само еднаш во 59-годишната историја на Алијансата.

Во обраќањето пред Долниот дом на парламентот, премиерката Тереза Меј истакна дека е „многу веројатно“ оти Кремљ го одобрил труењето на Сергеј Скрипл на 4-ти март. Тој е поранешен руски разузнавачки офицер, регрутиран од британската разузнавачка служба МИ-6, заедно со неговата 33-годишна ќерка.

Меј внимателно ги бирала зборовите, велат нејзините помошници, за да може да ја прошири меѓународната димензија на тековната политичка и дипломатска криза, којашто ги попречува англо-руските односи, за кои се смета дека се на најниската точка од Студената војна, наваму.

Според меѓународното право, на држава-жртва на незаконска употреба на сила од страна на друга држава, и` е дозволено да одговори. Меј посочи дека го третира обидот за атентат врз Скрипл, не како криминално дело, туку како напад врз Британија во целост.

Сето ова можно е да значи подготвување на теренот, Велика Британија да го следи примерот на САД по терористичките напади на 11-ти септември, 2001-ва година во Њујорк и Вашингтон, при што се повикува на Членот 5 од НАТО-договорот од 1949-та година.

Меј засега има генерална поддршка од меѓународните сојузници, но никој не го има спомнато Членот 5 од Повелбата на Северноатлантската Алијанса. Поранешниот американски државен секретар Рекс Тилерсон, рече дека кој и да го наредил нападот, мора да се соочи со сериозни последици.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, рече: „Употребата на кој било нервен агенс, е ужасна и целосно неприфатлива. Велика Британија е високо почитуван сојузник, овој инцидент е од голема загриженост за Алијансата“.

По телефонскиот разговор со Меј, францускиот претседател Емануел Макрон, кажа дека Париз застанал во солидарност со Велика Британија.

Сепак, британските официјални претставници приватно изразиле вознемиреност за тоа каква практична поддршка ќе можат да обезбедат и на каков прием ќе наидат, кога ќе побараат координиран одговор на Западот во однос на Русија. Официјални лица ја поздравија осудата за труењето на Скрипл од страна на портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, но сепак останаа незадоволни, кога таа испушти да ја спомене Русија за конкретен виновник.

Претседателот на САД Доналд Трамп, се повика на британските докази дека Русите можно е да стојат зад инцидентот со труењето, но не ја обвини Москва директно, се` додека, како што кажа, не се расветлат фактите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG