Линкови за пристапност

Дали Британија станува држава на беззаконие?


Софистицираниот криминал, од перење пари па се до високотехнолошки „анонимни“ измами, е тест за британските полициски сили

Додека на Брегзит најмногу се гледа како на политичко прашање број еден кое треба да се реши - на еден или друг начин - криминалот сега се смета за втор најважен приоритет со кој се соочува земјата, велат Британците во анкетите.

Не може да биде правилно криминалците да се шетаат низ лондонските окрузи, а полицијата да го свртува погледот.
Ким Тејлор Смит, политичар од западен Лондон.

Повеќе од пет години, во Велика Британија се регистрираат смртоносни напади со нож - тренд кој не покажува знаци на намалување, што дополнително придонесува за ширење страв кај јавноста дека во земјата владее беззаконие. Нападите со нож привлекоа и меѓународно внимание и беа предмет на критики од страна на американскиот претседател Доналд Трамп во препирките на Твитер со градоначалникот на Лондон, Садик Кан, кого Трамп го обвини дека е мек во однос на криминалот.

Но, Британците не се загрижени само поради нападите со ладно оружје, туку воопшто поради целосната состојба во која се наоѓа полицијата и поради чувството дека полициските сили се преоптоварени и деморализирани. Тоа може да се види и по рапидното намалување на бројот на полицајци и намалувањето на буџетот за нив.

Петмина поранешни шефови на лондонската Метрополитен полиција, најголемата британска полиција, истапија со заедничка изјава овој месец, критикувајќи го она што го опишаа како „штедење“ на полицијата за време на британската премиерка во заминување Тереза Меј. Тие предупредија дека јавноста ја изгубила довербата во работата на полицијата.

Тврдејќи дека полициските ресурси во Британија се „исцрпени на опасно ниско ниво“, а жртвите на криминалот имаат „опасно ниски очекувања“, тие го повикаа секој кој ќе ја замени Меј како следен премиер – а тоа најверојатно ќе биде поранешниот секретар за надворешни работи, Борис Џонсон - да ги обнови полициските ресурси.

„Прва должност на секоја влада е да ги заштити своите граѓани“, рекоа тие.

Англискиот сега е лингва франка на меѓународното подземје. Криминалот е суштински дел од британската економија, обезбедувајќи стотици илјади работни места.
Данкан Кемпбел, Гардијан

Населбите надвор од големите градови понекогаш немаат доволна полициска покриеност преку ноќ - или нема доволно полицајци кои можат брзо да реагираат на итните повици за помош. Документарен филм на Би-Би-Си открива дека градот Хал со 284.000 жители во северна Англија, немал полициски службеници да одговорат на итни повици неколку часа.

„Речиси и не се осмелувате да уапсите некого бидејќи нема кој да го вози полицискиот автомобил или да одговори на повици“, изјави инспекторот Ендру Бери за новинарите во југозападниот дел на Девон. Тој открил дека честопати во ноќни смени, има само двајца полицајци и еден наредник на располагање за да ја покријат областа на Девон од 563 квадратни километри. Понекогаш полициските службеници ги пуштаат осомничените кога станува збор за мали прекршоци и кога ќе утврдат дека нема очигледен ризик по животот.

Повеќе од една третина од Британците во изминатите 12 месеци не виделе ниту еден полицаец во нивната локална област, покажува една анкета што беше направена претходно оваа година.

Кандидатите кои се борат за местото на Тереза Меј, Џонсон и сегашниот секретар за надворешни работи, Џереми Хант, ветија дека ќе ги засилат полициските сили со 20.000 полициски службеници, делумно заменувајќи 30.000 полицајци за колку што беше намален нивниот број од 2010 година поради намалување на буџетот.

Меѓутоа, највисокиот полициски надзорник во Велика Британија, главниот инспектор на полицијата, предупреди дека зголемувањата можеби не се доволни.

Сопствениците на станови во главниот град се жалат дека измамници изнајмуваат станови и куќи, не ја плаќаат киријата, а потоа ги изнајмуваат имотите на туристи и посетители.

Иселувањето на измамниците може да потрае неколку месеци и чини илјадници фунти, давајќи им на измамниците доволно време за да профитираат од измамите. Стотици сопственици на апартмани во Лондон биле цел на измама и организиран криминал, што според агентите за недвижнини во Лондон вклучува илјадници имоти.

„Не може да биде правилно криминалците да се шетаат низ лондонските окрузи, а полицијата да го свртува погледот“, изјави за „Тајмс“ Ким Тејлор Смит, политичар од западен Лондон.

Секоја година преку Британија се перат 122 милијарди долари криминални пари, што е еквивалентно на околу 4 отсто од БДП.

Но, зголемувањето на бројот на полициски службеници можеби не е доволно. Софистицираниот криминал, од перење пари па се до високотехнолошки „анонимни“ измами, се тест за британските полициски сили. Земјата има 43 полициски оддели кои се географски растурени и на кои им недостига непречена координација, велат аналитичарите, изразувајќи загриженост дека криминалците тоа го користат.

Националната агенција за борба против криминалот проценува дека секоја година преку Британија се перат 122 милијарди долари криминални пари, што е еквивалентно на околу 4 отсто од БДП. Според Данкан Кемпбел од весникот „Гардијан“, „Лондон стана глобален главен град на перење пари и средиште на европскиот организиран криминал.“

„Англискиот сега е лингва франка на меѓународното подземје. Криминалот е суштински дел од британската економија, обезбедувајќи стотици илјади работни места“, тврди тој.

Во Велика Британија има речиси 5.000 криминални банди и тие не се старомодни семејни „фирми“ водени од жестоки негативци кои ги подучуваат своите синови и братучеди на мрачни криминални дела. Бандите сега се мултинационални, разновидни и високотехнолошки, вели Кемпбел.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG