Лицето кое изврши самоубиствен напад по концертот на Аријана Гранде во арената Манчестер, е идентификувано како Салман Абеди, соопшти полицијата.
Надлежните органи се обидуваат да утврдат дали бомбашот-самоубиец дејствувал сам или е дел од поголема терористичка мрежа.
Началникот на полицијата Јан Хопкинс, го идентификуваше 22-годишниот Абеди како наводен напаѓач, но не даде други детали.
Виш американски претставник на разузнавањето, кажа дека допрва треба да се потврди одговорноста за нападот, иако организацијата Исламска држава веќе го стори тоа. Според него, инцидентот е потсетник дека заканата од тероризмот во светот е реална „и не исчезнала“.
„Треба да ја потврдиме врската“, рече директорот на Националното разузнавање Ден Коутс, за време на сослушувањето посветено на светските закани. Тој додаде дека Исламска држава презема одговорност речиси за секој напад.
Оваа одранизација денеска ја презеде одговорноста за нападот во Манчестер, во кој загинаа најмалку 22 лица, а околу 59 се повредени.
Исламската држава кажа дека „војник на калифатот ги поставил бомбите“ и потоа ги активирал.
Британската полиција изјави дека се верува оти напаѓачот активирал импровизирана експлозивна направа.
Подоцна полицијата преку Твитер објави дека било уапсено 23-годишно лице, без да даде дополнителни информации.
Напаѓачот имал за цел да убие и повреди што е можно поголем број посетители, меѓу нив многумина тинејџери и деца, додава полицијата.
Според очевидци, на подот од каде била активирана експлозивната направа, биле пронајдени клинци и завртки.
Медицински лица на местото на настанот пријавиле дека третирале рани коишто биле предизвикани од шрапнели.
Последниве години исламските милитанти за цели на нападите имаа ноќни клубови, ресторани, барови, плажи и концерти. Инцидентите биле водени или инспирирани од терористичката организација Исламска држава, велат аналитичарите.
Изборот на целта делумно е прашање и на погодност, велат официјални лица. Транспортните станици, концертни сали и ноќни клубови, не се секогаш добро обезбедени и привлекуваат голем број луѓе, а со тоа се зголемуваат шансите напаѓачите да усмртат многумина, како што беше вчерашниот случај. Слично беше со нападот во ноември, 2015-та година, за време на рок-концерт во Батаклан, Париз, при што загинаа преку 100 лица.
Џихадистичките стратези и нивната пропаганда, изразиле задоволство од постигнатото во нападите на концертите, велат аналитичарите. Пропагандата на Исламската држава нагласи дека конкретно концертот на Eagles of Death Metal во Батаклан бил прецизно избрана цел од тројцата бомбаши, поради „неморалната“ природа на настанот.
„Во целите се вклучени настани, како овој, каде беа собрани стотици пагани на концерт на проституција“, стоеше во соопштението на терористичката организација.
Арената Манчестер претставува „идеална цел“ за џихадистите, вели Оливер Гуита, директор на фирмата за безбедносен консалтинг и геополитички ризик GlobalStrat, затоа што е комбинација на музика која е отфрлена од страна на милитантите, американска пејачка, деца и тинејџери“.
Тој посочи дека изминатата година половина од музичките настани и клубови, биле цел на џихадистите четири пати: Батаклан, ноќниот клуб Пулс во Орландо, Флорида, ноќниот клуб Реина во Истанбул и арената Манчестер.
Можеле да се случат и повеќе напади, ако безбедносните служби не ги спречиле. Во февруари 2016-та година полицијата во Франција уапси следбеници на Исламската држава за планирање на терористички напади врз ноќни клубови.
Концертните сали беа на листа на цели, препорачани во најновиот број на списанието "Румија" на Исламската држава.
Ова е најсмртоносниот терористички напад во Велика Британија изминативе преку 10 години. На 7-ми јули, 2005-та, четворица бомбаши-самоубијци усмртија 52 лица во нападот на транспортниот систем во Лондон. По тој инцидент британската влада воведе мерки за ограничување на можноста за купување на материјали кои можат да се користат за правење на експлозиви во домашни услови.
Министерката за внатрешни работи на Велика Британија Амбер Руд, го истакна варварството на овој акт, со „намерната цел кон најранливите во нашето општество - младите и децата на концертот“.
Facebook Forum