Линкови за пристапност

Што ќе се случи ако договорот за Брегзит не биде постигнат?


Британија стравува од улични немири и економски последици поради Брегзит. Најлошото сценарио предвидува улични немири поради недостиг на храна и лекови, но и создавање на големи диви депонии поради рестрикции во одлагањето на отпадот

Британските законодавци разгледуваат нови предлози за Договорот за повлекување од Европската унија, во услови кога се предупредува на големи последици за Велика Британија ако на 29-ти март ја напушти Унијата без договор.

Премиерката Тереза Меј се надева во следните денови да преговара со Брисел за измена на Договорот за повлекување, откако мнозинството британски пратеници ги поддржаа повиците за промена на договорот минатата недела. Европската Унија категорично ја отфрли можноста за повторно отворање на преговорите.

Во меѓувреме несигурноста поради Брегзит се повеќе влијае на инвестициите. Јапонскиот автомобилски гигант Нисан во неделата соопшти дека ќе го премести надвор од Велика Британија производството на X-Trail, еден од неговите најпопуларни СУВ модели. Ваквата одлука е спротивна на ветувањето на Нисан од 2016 година во пресрет на референдумот.

Велика Британија му понуди на Нисан 100 милиони долари во 2016 година за да го убеди да го задржи производството во земјата. Оттука, британските законодавци со разочарување ја дочекаа одлуката на Нисан.

„Ме загрижува нивната несигурност поради Брегзит, но тоа е и сериозен сигнал за сите нас во Парламентот дека сега е моментот да ја разрешиме таа несигурност“, изјави во неделата за новинарите британскиот министер за бизнис, енергетика и индустриска стратегија, Грег Кларк.

И додека врските на Британија се стеснуваат, Јапонија и ЕУ го слават стапувањето на сила на трговскиот договор, покривајќи една третина од глобалниот БДП. Германската канцеларка Ангела Меркел во посета на Токио во понеделникот рече дека сé уште е можен договор за Брегзит.

„Но, мораме да дознаеме од Британија што предвидува тој. Тоа е многу важно прашање,“ рече Меркел на прес конференција.

Заканата дека нема да биде постигнат договор за Брегзит се зголемува секој ден. Британските медиуми стигнаа до владините планови за непредвидени ситуации според кои, наводно, ако има потреба кралското семејство ќе биде евакуирано од Бакингамската палата. Најлошто сценарио предвидува улични немири поради недостиг на храна и лекови, како и создавање на големи улични депонии поради рестрикции во одлагањето на отпадот.

Алберто Алемано, професор по европско право на меѓународната бизнис школа HEC Париз, вели дека ниту Велика Британија, ниту Европа не можат точно да ги предвидат последиците од излегувањето без договор.

„Очигледно тоа е многу комплицирано сценарио, кое предвидува неверојатни последици за граѓаните и за бизнисите на двете страни на каналот. Друга опција е да се преиспита договорот за излегување. Но, не целосно, туку само делот со кој ќе се уреди процесот со кој конечно би се обезбедило мнозинство во Парламентот за Договорот за повлекување.“

Тоа може да не е доволно. Велика Британија бара промени на т.н. „Ирска клаузула“ која предвидува Британија да остане обврзана со правилата на ЕУ се додека не стапи во сила нов трговски договор. Целта на ова е да се спречи цврста граница меѓу Ирската Република и Северна Ирска, која ќе стане надворешна граница со Европската Унија.

Но, малку е веројатно дека ќе има поместување кај ЕУ по ова прашање, вели Ананд Менон од Кингс колеџот во Лондон.

Повторно отворање на Договорот за повлекување може да ги поттикне и другите земји-членки на ЕУ да побараат промени, особено барањата на Шпанија за разговори за суверенитетот на Гибралтар.

„Некои земји-членки би можеле да излезат со свои барања. Шпанија може да биде една од нив. Исто така, политичкиот контекст во Европа се движи многу брзо во пресрет на следните европски избори“, забележува професорот Алемано.

Тоа е потсетник дека сегашниот ќор-сокак е само почеток на повторно преиспитување на односот на Британија со Европа која брзо се менува - процес кој може да трае со години, ако не со децении.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG