Линкови за пристапност

Брегзит продолжува да ги дели Британците


Поделбите одат многу подалеку од партиски линии; Сега има поделби меѓу веќе поделените, по однос на клучните вредности

Велика Британија е „поделена и поларизирана“ нација по гласањето за излегување од Европската Унија, се вели во ново истражување за општествените ефекти за таканаречениот Брегзит.

Поделбите се главно по политичка линија и се однесуваат на клучните вредности, како што се ставовите кон етничките малцинства во Велика Британија, велат авторите на извештаите од програмата „Велика Британија во Европа која се менува“.

Во времето на гласање за излез од ЕУ, премиерката Тереза Меј изјави дека Британија се обединува.

Во реалноста, пак, се случува спротивното. Меј претседава со поделена нација, вели еден од водечките автори на извештајот, професорот Ананд Менон од Кралскиот колеџ во Лондон.

„Поделби има меѓу градовите, меѓу северот и југот, меѓу различните нации на Обединетото Кралство, каде Велс гласаше за излегување, Англија за излегување, Шкотска сакаше да остане во рамки на ЕУ, исто како и Северна Ирска; помеѓу младите и старите, меѓу луѓето со дипломи и без дипломи. На сето ова уште постои и група која е помеѓу оние за „останување“ и оние за „напуштање“ на ЕУ, изјави Менон за интервју за Гласот на Америка.

Истражувачите идентификуваа уште една нова појава. Гласачите за „напуштање на ЕУ“ сметаат дека еднаквите можности за етничките малцинства отишле предалеку, што е спротивно од оние гласачи за „останување во ЕУ“. Поделбите пак, не ги следат традиционалните партиско-политички лојалности.

„Многу добар индикатор за тоа како сте гласале во Брегзит е дали верувате во смртната казна или не. Тоа нема никаква врска со нашата традиционална политика, тоа едноставно се вредностите“, вели Менон.

Нападите врз етничките групи, т.н. кривични дела сторени од омраза, се зголемиле за повеќе од 40 отсто по референдумот, според владата. Тоа е доказ, велат аналитичарите, дека гласањето има далеку поголемо значење од едноставното прашање за членството на Велика Британија во ЕУ.

„Ако ништо друго, референдумот направи да се почувствуваме поподелени отколку што бевме порано“, додаде Менон.

Професорот Менон додава дека поделбите по основ на вредностите можат да објаснат зошто има малку знаци дека Британците се премислуваат, и покрај доказите за економските трошоци на Брегзит.

Документ на владата каде се проценува влијанието на Брегзит неовластено протечен во јавноста неделава покажа дека напуштањето на ЕУ би можело да го намали растот на британската економија до осум проценти од БДП во текот на следните 15 години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG