Линкови за пристапност

Вклучен алармот за справување со „белата чума“


3.930 е природниот присраст во Македонија. Сепак, во речиси половина во општините, бројот на починати е поголем од бројот на новородени

Три илјади деветстотини и триесет луѓе изнесува природниот прираст во Македонија минатата година. Ова го покажува официјалната статистика во земјата, споредувајќи ги бројките на 23.138 живородени деца, и 19.208 починати лица во текот на 2013-та. 34,8% од новородените се во Скопскиот регион, додека на последното место по прираст е Источниот регион со 6,7%. Слабо стојат и Пелагонискиот и Вардарскиот регион. 37 од вкупно 84 општини во Македонија се соочуваат со намалување на бројот на жителите.

Официјалните податоци од Државниот завод за статистика за 2013-та година, објавени кон крајот на минатиот месец, покажуваат дека на ниво на државата лани се родиле 1,8 отсто помалку деца во споредба со претходната 2012-та.

Меѓу градовите на кои им се заканува „белата чума“ има и поголеми како Битола, Прилеп и Велес, и помали: Кавадарци, Кочани, Пробиштип, Гевгелија, Берово, Виница, Делчево. Сепак, најкритична на оваа скала е состојбата во Демир Хисар и Македонски Брод, двете општини што се наоѓаат во пасивни делови на Македонија. Таму соодносот починати спрема новородени е повисок од 2 спрема 1, или на едно родено бебе има повеќе од двајца починати, слика што се повторува од 2012-та.

Подеднакво загрижувачки се и податоците од официјалната статистика и за првото тримесечје од оваа година, каде во 50 од 84 македонски општини, бројот на починати е поголем од бројот на новородени.

За стручњаците, овие податоци не се изненадувачки, бидејќи бројот на живородени деца веќе подолг период се намалува на ниво на целата држава.

„Во 2004-та година тој изнесувал 23.361, а во 2013-та година е 23.138. За разлика од бројот на живородени деца во наведениот период, бројот на починатите лица или морталитетот бележи зголемување. Така, бројот на починати лица е зголемен од 17.944 во 2004-та година, на 19.193 во 2013-та година, или починати се 1.249 лица повеќе. Ако сето тоа се види од аспект колку изнесува разликата меѓу бројот на живородени и починати лица или каков е наталитетот, а каков морталитетот, може да се констатира дека според овие показатели, природниот прираст на населението е намален“, вели поранешниот директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски, анализирајќи ги демографските податоци во периодот од 2004-та до 2013-та.

Статистиката за 2013-та го потврдува она што стручњаците го констатираа во подолг временски период: бројот на живородени деца кај македонската, српската и влашката етничка заедница се намалува, додека кај албанската, ромската и кај турската етничка заедница се зголемува. Според ова, етничките Македонци, во новородените лани учествувале со помалку од 50 проценти, или родени се 11.603, по што следуваат етничките Албанци - 7.488, 1.080 етнички Турци, 1.226 Роми итн. Од друга страна, лани починале 14.213 етнички Македонци, што е речиси за 3.000 повеќе од родените, додека кај останатите етнички заедници, бројот на починати е за над 50% помал од бројот на родените.

Просечниот животен век на мажите во Македонија е 70,3 години, додека жените живеат подолго - 74,4 години. Демографскиот мозаик покажува дека околу 17% од населението во земјава се деца до 14 години, додека 12% се лица над 65- годишна возраст. Сето ова, според професорот по статистика и демографија на Економскиот факултет во Скопје, Славе Ристески, е во рамките на сликата во регионот.
„Според стапката на смртност се` повеќе се доближуваме до Словенија, која иако е развиена земја и таму се` поголем е проблемот на староста. За да се смени оваа состојба треба да се подобри наталитетот. Македонија има негативен природен прираст. Се` уште во просек се раѓаат под две деца, а за да има природен прираст границата се 2,1 дете“, наведува Ристески.

Токму запирањето на негативниот тренд во природниот прираст беше во основата на владиниот проект „Бејби бум“, во 2009-та година, според кој владата со паричен надоместок стимулира многудетни семејства, а во зависност од тоа дали се работи за второ, трето или четврто дете, поддршката се движи од 5.000 до 11.550 денари.

Во рамките на стратегијата за зголемување на наталитетот, на почетокот на јуни минатата година беа изгласани и измените и дополнувањата во Законот за прекин на бременоста. Невладините и граѓански организации ги оценија како рестриктивни во однос на правото на абортус. За Владата пак,Законот е единствено во функција на посигурна заштита на пациентките при процесот на прекинување на бременост.

Со апели за многудетни семејства кон владините кампањи се приклучи и Црквата. Поглаварот на МПЦ- ОА г.г. Стефан во повеќе негови обраќања ја истакна важноста на проширувањето на семејството и многудетноста коишто, како што вели, се иднината на нацијата.

Субвенционирањето, кампањата и маркетингот можат да ја стабилизираат состојбата, но дури за 30 - 35 години, сметаат стручњаците. Додаваат - она што сепак може да ја промени реалната слика се голем број социјални и економски мерки - од породилното отсуство до паричните надоместоци, решавање на станбеното прашање, вработувањето...

“Причината за ваквите бројки, односно трендови треба да се бара во социо-економскиот статус на семејството. Семејството е социјална категорија и врз него големо влијание има економската и социјалната положба. Секако, тука влијание има и вкупната општествена состојба која се одразува врз планирањето, односно намалувањето на наталитетот. Кога зборуваме за социјално-економскиот статус, тоа значи дека зборуваме за факторите кои директно се врзани за кавлитетот на живот на едно семејство, неговата економска состојба и статус“, вели универзитетскиот професор, социологот Емил Сулејмани, за порталот на албански јазик Порталб.

Но, покрај економските причини, на ваквата неповолна слика влијае и миграцијата - натрупувањето на младата популација во урбаните средини, раселувањето низ светските средини, но и одлуките за стапување во брак и за раѓање деца во подоцнежни години. Миграцијата село- град е најкарактеристична за Североисточниот регион - дури 44,3%, додека Скопскиот регион предничи во однос на другите региони по бројот на иселувања надвор од државата во текот на 2013-та, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

XS
SM
MD
LG