Научниците долго мислеа дека разноликите екосистеми како шумите, езерата и потоците се посебно добри за отстранување на загадувачите што луѓето ги внесуваат во животната средина.
Екологот Бредли Кардинале од Универзитетот во Мичиген вели дека имало малку директни експериментални тестови на таа хипотеза и заради недостиг на докази за или против, решил да направи тест во кој ќе манипулира неколку видови алги во минијатурен модел на поток во лабораторија. Неговата студија е објавена неделава во журналот Nature и потврдува дека биодиверзитетот прави позитивна разлика во екосистем.
Кардинале изградил 150 контејнери од плексиглас, што претставуваат вештачки потоци. Тој одгледал меѓу една и осум видови често присутни алги во секој од тие контејнери. Малите микроорганизми се важни актери во отстранување на загадувањето од водата. Тој потоа ги изложил потоците на азот, вообичаен загадувач/нуспроизвод од земјоделието и автомобилите.
„Кога азотот е ослободен во претерани количини во водени животни средини, тоа промовира развој на штетни микро-организми и може да генерира таканаречени мртви зони кои се осиромашени со кислород и веќе не се способни да одржуваат живот“, вели тој.
На Кардинале му требале три години да го постави експериментот, да го изведе и да ги процесира податоците. Во просек потоците со осум видови се прочистувани 4,5 пати побрзо отколку водата со само еден вид. Кардинале вели дека причината е многу проста:
„Најдов дека различни видови на алги најдобро се адаптираа да растат во одредени средини во потокот. Некои најдобро опстануваат во повисока, а други во пониска вода. Колку повеќе видови има, толку подобро тие се распоредуваат и стануваат природен, био-филтер за овој загадувач."
Кардинале вели дека научниците уште од Чарлс Дарвин во 1860-те велеле дека секој вид игра уникатна улога во екосистемот и го надополнува другиот.
Оваа студија сугерира многу повеќе отколку претходно се очекуваше, вели Кардинале. Порано се мислеше дека меѓу три и пет видови се доволни да го исчистат азотот од земјата и водата. Мојата студија ги проширува тие резултати, вели тој, најмалку на осум видови и тоа не е ни одделеку доволно. Значи, ни требаат повеќе од осум, вели екологот. Всушност, вели тој, ни треба секој можен вид да ја прочисти водата. Реалноста, според него е околу две стотини, колку што може да се најдат во обичен поток.