Кралството Белгија од 1-ви јули е на чело на Европската унија. Шестмесечниот претседавачки мандат го презеде од Шпанија.
Белгиската дипломатија, која до крајот на оваа година ќе раководи со Советот на министрите на ЕУ, при преземањето на претседавачкиот мандат соопшти дека, во рамките на своите надлежности, ќе продолжи да го поддржува процесот на проширување на Унијата.
„Очекуваме за време на нашиот мандат Хрватска,Турција и Исланд да направат значителен напредок во процесот на нивното интегрирање во ЕУ“, изјави шефот на белгиската дипломатија Стивен Ванакер.
Во врска со Македонија, Белгијците јасно ставија до знаење дека и таа ќе напредува во интеграциите, но само ако го реши проблемот со името. Белгискиот министер за надворешни работи неодамна изјави оти има информации дека спорот со името ќе биде решен во наредните седмици, со што на Советот на министрите би му било овозможено да даде „зелено светло“ на Македонија за почеток на преговори.
Аналитичарите оценуваат дека Белгија, со оглед на интерната политичка криза, нема да вложува поголема енергија во решавање на проблемите што го оневозможуваат проширувањето и дека овој процес ќе тече без поголеми промени.
Меѓу приоритетите на белгиското претседателство се потенцираат решавањето на социјалните проблеми, посветеноста на борбата против сиромаштијата во земјите-членки на ЕУ,енергетиката и климатските промени.
Белгија го презема претседавачкиот мандат со техничка влада, поради неможноста за формирање на нов владин кабинет, а поради актуелните политички тензии на нивната политичка сцена. Ова е втор пат Белгија да ја презеде претседавачката палка на ЕУ со техничка влада – првиот мандат беше во 1987-ма година.
Според оценките на аналитичарите, Белгија на почетокот на есента сепак ќе добие нова влада, со што ќе си овозможи ефикасно да ги реализира зацртаните приоритети.