Линкови за пристапност

Над 100 жртви и околу 4.000 повредени од експлозијата во Бејрут


Американската амбасада во Бејрут ги повика луѓето да останат внатре поради извештаите за ослободување на токсични гасови од експлозијата

Премиерот Хасан Диаб прогласи ден на жалост во Либан, откако огромната експлозија го уништи пристаништето во главниот град Бејрут. Либанскиот црвен крст денеска наутро соопшти дека повеќе од 100 луѓе се мртви, а најмалку се 4.000 повредени.

Официјални лица изјавија дека очекуваат пораст на бројот на жртви бидејќи екипите работат низ урнатините на оштетените згради, а многумина ги бараат исчезнатите семејства и пријатели.

Точната причина за експлозијата во вторникот не беше јасна, но либанските власти посочија на, како што рекоа, тони амониум нитрат што се чувале во магацини во изминатите шест години.

Експлозијата се случи во вечерните часови, по што се создаде огромен облак чад во вид на печурка издигајќи се кон небото и шок бранови кои оштетија многу автомобили и згради на пристаништето.

По експлозијата, болниците се преполни со луѓе кои бараат помош.

Американската амбасада во Бејрут ги повика луѓето да останат внатре поради извештаите за ослободување на токсични гасови од експлозијата.

Водачите повикаа на брза истрага, при што Диаб вети дека „одговорните ќе ја платат цената“.

Либанскиот претседател Мишел Аун свика итен состанок на кабинетот и рече дека одговорните ќе бидат соочени со „најстроги казни“.

„Неприфатливо е дека пратката на амониум нитрат проценета на 2750 тони е присутна веќе шест години во еден магацин без да се преземат превентивни мерки што ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“, рече Аут.

Покрај уништувањето на главното пристаниште на државата која е силно зависна од увозот на храна, експлозијата уништи и силоси со жито.

Министерот за економија Раул Нехем изјави за Ројтерс дека земјата има доволно резерви на жито за „нешто помалку од еден месец“ и дека се потребни резерви за најмалку три месеци.

Меѓународната заедница изрази сочувство за загинатите и понуди да им помогне на луѓето во Бејрут во напорите за закрепнување.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција испраќа лекари за итни случаи и неколку тони медицинска опрема, додека Русија рече дека ќе придонесе со мобилна болница и лекари.

Јордан соопшти дека испраќа теренска болница и медицински работници во Либан, додека иранскиот претседател Хасан Рохани рече дека неговата влада е подготвена да испрати медицинска помош.

Обединетите нации исто така соопштија дека помагаат во одговорот и „остануваат посветени на поддршка на Либан во ова тешко време“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави за новинарите во Белата куќа во вторникот дека САД „се подготвени да му помогнат на Либан“, и додаде дека експлозијата „изгледа како страшен напад“.

На прашањето дали е уверен дека инцидентот е напад, а не несреќа, Трамп рече: „Па, се чини како да е, врз основа на експлозијата. Имав средба со некои наши одлични генерали, и тие едноставно мислат дека е така. Ова беше - според нив - а тие би знаеле подобро од мене, но изгледа дека мислат дека е напад. Тоа беше некаков вид бомба“.

Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, противник на Трамп на изборите оваа година, изрази сочувство кон жртвите од експлозијата и ја повика администрацијата на Трамп и меѓународната заедница „веднаш да мобилизираат помош за илјадниците повредени во експлозијата“.

Во Ватикан, папата Францис денеска се молеше за Либан.

„Се молиме за жртвите и нивните семејства, се молиме за Либан затоа што со напорите на сите нејзини социјални групи - политички и религиозни - може да се соочи овој трагичен и болен момент и со помош на меѓународната заедница, може да ја надмине тешката криза“, рече папата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG