Линкови за пристапност

Атовска за македонското новинарство: Нема редакција со нормална атмосфера за работа


Новинарките се изложени на дополнителни притисоци и закани, вели Атовска во интервју за Глас на Америка
Новинарките се изложени на дополнителни притисоци и закани, вели Атовска во интервју за Глас на Америка

Колку повеќе се движев кон опасните места, толку повеќе луѓето ја разбираа новинарската работа, раскажува Кристина Атовска, единствената македонска новинарка што известуваше од војната во Украина

Глас на Америка: Атовска, добредојдовте во Соединетите американски држави. Најпрвин би ве прашал како беше да се биде единствената жена новинарка од Северна Македонија и да известува од воените боишта на Украина? Каков беше односот спрема вас таму и дома?

Интервју со новинарката Кристина Атовска
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:47 0:00

Кристина Атовска: Можам да кажам дека третманот е различен во зависност од степенот на ризик, во секој град има посебни правила, секако дека секој град нема иста безбедност, нема иста закана, нема иста безбедност на проценка. Следствено на тоа и луѓето поинаку се однесуваат и ги третираат новинарите исто како и властите. Она што ме изненади е фактот дека колку поисточно се движев, колку се движев кон опасните места, луѓето многу повеќе ја разбираа новинарската работа, што значи да си новинар и која е функцијата на новинарите таму. Можам да кажам дека малку ми беше потешко да го изведам ова отколку на моите странски колеги кои имаат огромна поддршка не само од редакциите туку генерално од правилата кои важат во нивните држави за воено известување. Кај нас тој сектор не постои се уште, за жал, се надевам дека тие состојби еден ден ќе се сменат. Ризикот за сите е ист од самата војна, но сепак кога се работи за жена мора да бидеме ние жените посебно внимателни затоа што не само бомбите се закана, туку знаете дека жените се изложени и на многу поголем тип на напади. Можам да кажам дека жените воени репортери или фоторепортери се рамо до рамо со мажите и неможев да видам некој страв или некоја паника кај новинарките или фоторепортерките или репортерките кои известуваат од воената зона.

Глас на Америка: Во 2016 година поради Ваша колумна, бевте отпуштена од медиумот каде што работевте во тоа време. Како гледате на тоа искуство од денешна перспектива?

Кристина Атовска: Можам да кажам дека состојбата не е променета. Жените новинарки се изложени на дополнителни притисоци, дополнителни закани. Навистина ништо не е променето од 2016 година, напротив ако ги земеме во предвид сите анализи кои ние ги правиме во рамки на здруженијата ќе видиме дека дури и бројот на напади на жени новинарки е зголемен, нападите го менуваат и својот облик па сега се повеќе жените новинарки се напаѓаат онлајн. Мора да признаеме дека живееме во едно општество во кое што за жал се уште жена се смета можеби за послаб род, па можеби и од таму потекнуваат целата таа храброст или лудост да им се закануваат на жени новинарки, но, не можам да кажам дека нешто драстично е променето. Напротив, жените новинарки во нашата држава постојано се изложени на напади, на сексистички третмани, на онлајн закани и сето тоа секако е само еден сегмент од новинарската работа. Мора да го кажеме тука и оној друг проблем кој што е исто така огромен, а тоа е и мобингот и притисоците внатре во редакциите така што навистина е тешко да се биде жена новинар во нашата држава, но еве, мора да завршам на една позитивна нота и да го кажам моето мислење дека можеби жените новинарки можеби поради нападните, но, се забележува еден огромен отпор и една огромна волја и покрај сите притисоци, мобинзи, закана и уцени да се продолжи и да се работи својата работа онака како што треба, истрајно, сигурно и квалитетно, така што навистина сметам дека во нашата држава жените новинарки навистина многу вложуваат во таа борба да престанат, да престанат не само нападите туку и да се променат состојбите и внатре во редакциите со кои што се соочуваат жените.

Глас на Америка: Кој е Вашиот став за слободата на изразување на национално, но и на глобално ниво. Каде го гледате местото на новинарите во денешно време?

Кристина Атовска: Генерално немам убави зборови за слободата на изразување. Забележувам еден тренд на опаѓање на слободата на изразување не само кај нас туку и глобално како што споменавте, така што не мислам дека сме на добар пат како медиуми. Појавата на социјалните медиуми комплетно го измести новинарството, нас ни даде сосема други задачи, практично ни презема еден дел од работата. Повеќе не е возможна трката за кој ќе биде прв и таков тип на ексклузиви бидејќи денеска сите со своите телефони се стримаат онлајн така што ние новинарите во денешно време мора да сме свесни за ова и мора да сме свесни за нашата улога. Таа трка ја изгубивме со социјалните медиуми и сега треба да се сконцентрираме на пренесување на вистината, на фактите, на анализи, на оној останат дел од новинарството кој што не е возможно да се преслика или не е возможно барем да ни го украдат социјалните мрежи. Затоа сметам дека мора многу да се работи и многу да се менува, се уште огромен број и од редакциите и од новинарите и од општествата не се свесни за овој проблем и продолжуваат да работат по старо. Се уште може да видиме новинари кои се тркаат кој прв ќе стигне до локацијата иако тројца цивили до тогаш веќе го имаат објавено тоа видео или таа фотографија. Навистина мислам дека многу треба да се работи за да конечно во овој систем со толкав наплив на социјални медиуми и променет начин на информирање за да можеме да останеме кредибилна професија и како што кажав не само кај нас туку и секаде. Можам да забележам дека слободата на изразување драстично опаѓа. Голем дел од медиумите на глобално ниво стануваат се поеднострани, се повеќе се откажуваат од оние критериуми да се пренесува втората страна, трета, да се испита што се пренесува, така што не мислам дека сме на добар пат кога е слободата на изразување во прашање на глобално ниво.

Глас на Америка: Изминативе години се помалку млади во Северна Македонија одлучуваат да се запишат на новинарски студии. Како новинарската професија изгуби на атрактивност?

Кристина Атовска: На што се должи овој тренд е лесно прашање. Се должи на состојбата во која што живееме и работиме ние новинарите. Новинарството одамна веќе не е престижна професија, во новинарството нема пари, а од друга страна постојано сме изложени на секаков вид на напади, на закани и како што кажав и претходно, не само од надвор туку и внатре во редакциите. Речиси нема редакција во нашата држава или многу малку се оние редакции во кои што има нормална атмосфера за работа. Во сите останати владее еден мобинг и тоа страшен мобинг за кој што не ми е јасно навистина зошто сите мои колеги молчат. Има нешто со новинарите кога друг е обесправен можат да се борат до крај, но кога сами се обесправени некако го ставаат тоа малку под тепих што е малку трагично, така што навистина е тешко да се биде новинар во нашата држава од буквално сите можни аспекти.

XS
SM
MD
LG