Линкови за пристапност

Астрофизичарите претставија најголема 3Д мапа на Универзумот


Астрофизичарите во понеделникот ја објавија најголемата 3Д мапа на Универзумот која е резултат од анализа на повеќе од 4 милиони галаксии, како и на ултра светлите и преполни со енергија квазари.

Напорите на стотици научници од околу 30 институции ширум светот ја дадоа „целосната приказна за проширувањето на универзумот“, изјави Вил Перцивал од Универзитетот во Ватерло во Онтарио, Канада, пренесе АФП.

Во проектот започнат пред повеќе од две децении, истражувачите направиле „најточни мерења на историјата на експанзијата во најдолг опсег на космичко време“.

Мапата се потпира на набљудувањата од оптичкиот телескоп Sloan Digital Sky Survey кој се наоѓа во Ново Мексико.

Раната фаза на Универзумот која настапила веднаш по Големата експлозија (Big Bang) е релативно добро позната преку темелни теоретски модели како и преку набљудувањата на космичката заднинска радијација, електромагнетно зрачење на новородениот космос.

Проучувањата на галаксиите и мерењата на нивната оддалеченост, исто така, придонесоа за подобро разбирање на проширувањето на Универзумот во текот на милијарди години.

Но, Кајл Досон од универзитетот во Јута, кој ја објави мапата во понеделникот, вели дека сега истражувачите успеале да пополнат „проблематичен јаз во средината на 11 милијарди години“.

„Преку постојани набљудувања кои траеја пет години работевме на тоа да го пополниме тој јаз и ги искористивме тие информации за да направиме најголем напредок во космологијата во последната деценија“, рече тој.

Астрофизичарот Жан Пол Ниб од швајцарскиот Федерален институт за технологија во Лозана вели рече дека целта била да се изработи „најкомплетната 3Д мапа на Универзумот во текот на целиот живот на Универзумот“.

За прв пат истражувачите се осврнаа на распределбата на материјата во далечниот Универзум, на галаксиите кои активно формираат ѕвезди и квазари.

На мапата се прикажани нишки од материја и од празнини кои ја дефинираат структурата на Универзумот уште од неговите почетоци, кога имал само 380.000 години.

Во делот на мапата што се однесува на Универзумот од пред 6 милијарди години, истражувачите ги забележале најстарите и најцрвените галаксии.

За подалечните епохи, тие се концентрираа на најмладите галаксии - сините. За да се вратат уште подалеку, тие користеле квазари, галаксии чија супермасивна црна дупка е екстремно светла.

Мапата открива дека проширувањето на универзумот започнало да забрзува во одреден момент и оттогаш продолжило да го прави тоа.

Истражувачите велат дека ова се чини дека се должи на присуството на „темна енергија“, невидлив елемент што се вклопува во општата теорија на релативноста на Алберт Ајнштајн, но чие потекло сè уште не е утврдено.

Астрофизичарите со години знаат дека универзумот се шири, но не можат да ја измерат брзината на експанзија со прецизност.

Споредбите на овие набљудувања со претходните студии за раниот универзум, открија несогласувања во процените на стапката на експанзија.

Тековно прифатената стапка, наречена „Хаблова константа", е за 10% побавна од вредноста пресметана од растојанијата помеѓу галаксиите што се најблизу до нас.

XS
SM
MD
LG