Тајванските борбени авиони Ф-16 ќе добијат стотици проектили и поврзана опрема согласно предложената продажба на оружје од 619 милиони американски долари за која Конгресот беше известен од администрацијата на Бајден.
Овој потег е повреда на кинескиот суверенитет, рече портпаролката на Министерството за надворешни работи Мао Нинг.
„САД тврдат дека го почитуваат територијалниот суверенитет, но ја прекршија својата посветеност на прашањето за Тајван, па дури и продадоа напредно оружје во кинескиот регион Тајван“, изјави Нинг.
Странската воена продажба е обично од држава на држава, но администрацијата вели дека предлогот, најверојатно, ќе го донесе Конгресот со двопартиска поддршка, и е во согласност со Законот за односи со Тајван.
Законот му дозволува на Вашингтон да му продаде оружје на Тајван за да одржи доволна самоодбрана против Кина. Пекинг го смета самоуправуваниот остров за отцепена провинција.
Претставникот на Тајпеј во САД вели дека тие ја ценат американската посветеност за зајакнување на самоодбраната на Тајван.
Трговската лоби група „Бизнис совет САД-Тајван“ вели дека администрацијата се обидува да изгради залихи муниција во случај на кинеска блокада на островот.
„Тајван треба да се снабдува преку воздух или море. И ако е нарушен таквиот пристап, проблематично е да се обезбеди муниција. Значи, ние мора да се подготвиме колку што можеме на островот“, вели Руперт Чемберс од „Бизнис совет САД-Тајван“.
Администрацијата негира дека продажбата ќе стави дополнително оптоварување на американската одбранбена индустрија, која се бори да обезбеди муниција во Украина.
„Продажбата на оружје е сосема поинаков процес и методологија од она што го правиме за Украина, каде што во основа земате работи што веќе се на вашите полици и ѝ ги обезбедувате директно на Украина. Значи, тоа е сосема поинаков процес и различен систем“, вели Џон Кирби, координаторот на Советот за национална безбедност за стратешки комуникации на САД.
Предложената продажба дополнително ги наметнува зголемените тензии со Пекинг, во услови на западни стравувања дека Кина размислува да обезбеди оружје за да ѝ помогне на Русија во војната во Украина.
Неодамна Кина го пречека белорускиот претседател Александар Лукашенко, близок руски сојузник.
„Може ли Кина да се обиде да испрати некаков вид вооружување на Белорусија? Ако е така, линијата меѓу одење до Белорусија и до Русија е многу тенка“, вели Патрик Кронин од Институтот „Хадсон“.
Планирана и средба и меѓу кинескиот претседател Шји Џјинпинг и рускиот лидер Владимир Путин.