Линкови за пристапност

Адвокат Демири: Проблемот со случајот “Мијалков” е резултат на политички договори


Демири: За чудо најголем поборник за ветинг сега се појавува и за мое изненадување партијата ДУИ, која дваесеттина години е на власт во оваа држава и која има тотална контрола како врз начинот на поставување судии
Демири: За чудо најголем поборник за ветинг сега се појавува и за мое изненадување партијата ДУИ, која дваесеттина години е на власт во оваа држава и која има тотална контрола како врз начинот на поставување судии

Доколку не решат овие политички елити во државата дека судството не смее да се чепка, дека на судството не смее да се врши притисок, мислам дека нема да имаме никакви резултати, односно само ќе ги смениме актерите, вели адвокатот Ардиан Демири во разговор за Гласот на Америка

Последниот случај со екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, кога Апелациониот суд му ја укина затворската казна од 12 години, за случајот со незаконското масовно прислушување „Тврдина-Таргет“, е типичен пример за нефункционирањето на системот, вели во разговор за Глас на Америка, адвокатот Ардиан Демири.

Интервју со адвокатот Ардиан Демири
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:28 0:00

„Кој што мисли дека случајот со Мијалков е проблем на судството, односно производ на судството мислам дека не ги разбира работите. Проблемот со Мијалков е резултат на политички договори, кои за жал судството сè уште не е на ниво за да одолее на таквите притисоци. Поради немање капацитет на судството, во смислa на интегритет, професионални профили, станува на крај жртва и сите копја се кршат врз грбот на судството“, вели Демири.

Веќе подолго време во Северна Македонија се заговара идејата за ветинг во судството, односно проверка на работењето на судиите.

„За чудо најголем поборник за ветинг сега се појавува и за мое изненадување партијата ДУИ, која дваесеттина години е на власт во оваа држава и која има тотална контрола како врз начинот на поставување на судии, на системот, така и врз начинот и системот на поставување на обвинители, а исто така и за нивно разрешување“.

Демири вели дека за такво нешто сепак се потребни уставни измени.

„Мора да утврдите односно да определите дека меѓу другото начин на разрешување на судија е како резултат, односно како одлука на некоја постапка наречена ветинг, во некоја посебна комисија, која ќе донесе било каква одлука за утврдување на одговорност и понатаму разрешување на таквите судии. Тоа е едниот проблем и вториот проблем што мислам дека ветингот е само како категорија за замајување на јавноста е фактот што ветингот не е процес кој дава резултат од денес за утре. Ветингот е процес кој што е долготраен“.

Како пример за тоа ја наведува Албанија, каде процесот на ветинг, започнат уште во 2015 година, сè уште трае. Дури 70 % од тамошните обвинители и судии биле опфатени со овој процес. Помалку од половината биле потврдени на таа функција од страна на независна комисија.

Доколку во државата не се воспостави здрав систем во кој што одговорност ќе се бара за секој пропуст, во кој што ќе има отчетност и ќе има одговорност, ние можеме да најдеме и сто ветинзи за решение на проблемот, проблемот нема да биде решен

„Мислам дека што и да донесете вие во еден систем, во рамките на правен систем, било тоа да е ветинг или што било и да е, доколку во државата не се воспостави односно не се подигне здрав систем во кој што одговорност ќе се бара за секој пропуст, посебно намерен, во кој што ќе има отчетност и ќе има одговорност, ние можеме да најдеме и сто ветинзи за решение на проблемот, проблемот нема да биде решен“.

Вели дека пред да се донесе одлука за ветинг, треба сите чинители во државата да признаат дека досегашниот избор и разрешување на судии е промашен.

„Доколку не реши ова општество и доколку не решат овие политички елити во државата дека судството не смее да се чепка, дека на судството не смее да се врши притисок, дека судството како независна власт треба да се остави да се развива и да функционира независно од извршната власт, мислам дека нема да имаме никакви резултати, односно само ќе ги смениме актерите“.

Инаку според последната анкета на ИРИ, само 4% од граѓаните му веруваат на правосудството. Тоа е намалување за дури половина, во однос на претходните испитувања, кои покажуваа доверба од 8 проценти.

XS
SM
MD
LG