Линкови за пристапност

По првата дебата во Детроит: дали демократските претседателски кандидати зборуваат со факти?


Асошиетед прес направи проверка на факти во изјавите на демократските претседателски кандидати кои учествуваа на синоќешната дебата

Глобалното затоплување и состојбата на економијата се најдоа во фокусот на вчерашната дебата во Детроит на која своите ставови ги изложија Демократските претседателски кандидати.

И додека научниците бараат да се преземат мерки во однос на глобалното затоплување, еве што мислат кандидатите. Во продолжение следува преглед на дел од нивните изјави во однос на климатските промени.

Бето О’Рурк, поранешен конгресмен од Тексас, за глобалното затоплување рече: „Ги слушам научниците и тие се многу јасни: Немаме повеќе од десет години за да ги поправиме работите. И нема да се справиме со тој предизвик со половични чекори или половични мерки.“

Пит Бутиџеџ, градоначалник на Индијана: „Науката не предупредува дека имаме 12 години пред да стигнеме до хоризонтот на нашата катастрофа кога станува збор за климата.“

Факти: Научниците не се согласуваат ниту за приближна временска рамка, ниту за точен број на години, колку време останува за да се спречат најсмртоносните последици од климатските промени.

Во извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени на Обединетите нации, каде е сумирана работата на стотици научници, 2030-та година се наведува како главен репер затоа што потписничките на Парискиот климатски договорот се заложија до тогаш да се намалат емисиите. Но, тоа не е последна шанса, како краен рок за дејствување, како што тоа го толкуваат О’Рурк, Бутиџеџ и други.

Џон Хикенлупер, поранешен гувернер на Колорадо: Кога станува збор за борба против климатските промени, „Она што го правиме тука е најдобра практика и пример кој треба да се применува низ целиот свет. ...Потребно е сите земји да работиме заедно, ако сакаме да се справиме со климатските промени на реален начин.“

Факти: Нациите кои што се најзасегнати од климатските промени секако не ги сметаат САД за „образец“ за решение. Америка е меѓу државите кои емитуваат најмногу јаглерод по глава на жител во светот што ја менува климата. Соединетите држави се исто така врвен производител на нафта и природен гас.

Берни Сандерс, сенаторот од Вермонт: „49 отсто од сите нови приходи одат кај првите еден отсто на врвот.“

Факти: Ова е сигурно претерано. Бројката доаѓа од краткиот труд на Емануел Саез, економист на Универзитетот во Калифорнија, Беркли и водечки истражувач на нееднаквоста. Ова не ја вклучува вредноста на придобивките од работењето, како што е здравственото осигурување, или ефектите од даноците и владините програми за бенефиции како што е социјалното осигурување.

Тим Рајан, конгресменот од Охајо: „Економскиот систем што создаваше работни места платени по 30, 40, 50 долари за работен час и овозможуваше солиден живот за средната класа, сега нè присилува да имаме две или три работни места.“

Факти: Повеќето Американци, сега, работат само една работа, а бројките на оние кои имаат повеќе од една се намалија во текот на последните 25 години.

Во средината на 1990-тите, процентот на работници кои имаат повеќе работни места достигна 6,5 отсто. Стапката значително опадна, дури и за време на Големата рецесија, и речиси една деценија се движи на околу 5% или помалку. Според последните податоци во јуни 5,2% од работниците имале повеќе од една работа.

Целата проверка на фактите на Асошиетед прес на следниот линк: http://apne.ws/2kbx8bd

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG