Рускиот претседател Владимир Путин побрза да му честита на белорускиот претседател Александар Лукашенко за неговата контроверзна изборна победа со надеж дека ќе ги зајакне врските со геостратешки важната поранешна Советска република, која во последно време се повеќе тежнее кон поблиски односи со Европа и САД, вели Анџела Стент, висока соработничка во Инстутот Брукингс во Вашингтон и воедно директорка на Центарот за Евроазија, Русија и Источна Европа на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.
Кога Светлана Тихановскаја влезе во белоруската изборна комисија со цел да поднесе приговор поради изборна измама на претседателските избори минатиот викенд, нејзиниот изборен штаб очекуваше дека таа брзо потоа ќе се појави на пост-изборните протести.
„Таа беше принудена да избега, заедно со своите две ќерки, за повторно да се појави во Литванија. Во видео објавено на социјалните медиуми, таа ги повика своите приврзаници да престанат да протестираат и повторно да го прифатат Александар Лукашенко за свој претседател. Нејзиниот изборен штаб смета дека изјавата е дадена под притисок од властите“, вели Стент.
Литванскиот министер за надворешни работи, исто така, потврди во порака на Твитер дека Тихановскаја, со нејзините две ќерки, се наоѓа во неговата земја, само 112 километри од белоруската престолнина, Минск.
Во меѓувреме, протестите во Белорусија продолжуваат со несмален интензитет.
Претседателот Александар Лукашенко, кого го нарекуваат „последниот диктатор во Европа“, со железна рака го контролира политичкиот систем во Белорусија, поранешна советска република со која управува од падот на железната завеса.
Со години, 65-годишниот сојузник на Москва ги назначуваше судиите и клучните раководители на безбедносната служба и државните медиуми. Тој го избра лидерот на изборната комисија, кој е на таа функција од 1996 година. Неговата озлогласена тајна полиција сè уште го носи старото име од времето на Советскиот Сојуз, Комитет за државна безбедност или КГБ.
Тој во моментов се соочува со протести низ целата земја, вклучително и во најголемите државни компании за тешка индустрија. Војниците ги соблекуваат униформите и ги фрлаат во ѓубре. Масовната популарност на официјалната кандидатка на опозицијата, Светлана Тихановскаја, не опаѓа“, вели Стент.
Засега, Лукашенко преживува единствено благодарение на поддршката на неговите безбедносни сили.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин се надева дека со тоа што ќе му пружи поддршка на Лукашенко, Русија би можела повторно да воспостави свое влијание во Белорусија, вели Стент.
Таа додава дека, иако рускиот претседател беше првиот што му честиташе на Лукашенко, тој останува претпазлив поради долготрајните напнати односи со Лукашенко и невидениот бран на незадоволство на белоруските избирачи.
„Путин му честиташе на Лукашенко за неговата победа, но руската страна го критикуваше апсењето на неколку руски новинари, вклучително и репортер на „Russia Today “и го повика Лукашенко да ја стабилизира ситуацијата. Односите меѓу Путин и Лукашенко секогаш беа затегнати“, вели таа.
Белорусија има голема геостратешка вредност за Русија, потсетува Стент. Поранешната советска република се наоѓа во центарот на Источна Европа и на западната граница на Русија. Белорусија е исто така единствената постсоветска република што се придржува кон Договорот за унија со Русија, потпишан во 1990 година, врз основа на кој Русија ја задржа воената база на нејзина територија.
Сепак, во последните години, Лукашенко се стреми кон поблиски односи со Европа и САД, што го иритира Путин, вели Стент.
„Доколку Минск би ги прекинал врските со Русија, Кремљ тоа би го сметал за безбедносна закана. Москва е подготвена да толерира одредени врски меѓу Минск и Брисел, доколку Белорусија не бара членство, ниту во европскиот блок, ниту во НАТО. Европа, од друга страна, е загрижена поради можен колапс во Белорусија “.
САД веќе одамна немаат дипломатска мисија на највисоко амбасадорско ниво во Минск, продолжува Стент.
„Мислам дека е добро што се воспоставуваат нормални дипломатски односи. Нестабилност во Белорусија не би била придобивка за САД, туку само ќе ја отвори вратата широко за Русија“.
Во исто време, Стент не е убедена дека Лукашенко го чека среќен крај.
„Многу луѓе беа изненадени од толку силната реакција од јавноста, на која веќе ѝ е доволно од сè. Додавање масло на огнот беше тоа што Лукашенко го омаловажи проблемот со коронавирусот. Тој препорача луѓето да пијат вотка, да возат трактор и да одат во сауна“.
Од друга страна, лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја останува нова надеж за Белорусите. Таа се кандидираше на местото на нејзиниот сопруг Сергеј, популарен блогер, уапсен во пресрет на изборите, а ѝ се придружија уште две млади жени, чии сопрузи исто така се во затвор. Нивната приказна, вели Стен, го симболизира сегашниот момент во Белорусија и пошироко - животот нарушен од опасен вирус, во екот на политички потреси без преседан во модерното време.
Што се однесува до геостратешката иднина на државата, Стен предвидува: „Белорусија е премногу важна за Русија да се откаже од неа, така што веројатно ќе продолжи да биде предмет на конкуренција меѓу Истокот и Западот“.
Facebook Forum