Тоа е заклучокот на Амнести интернешенал во новиот извештај за состојбата со човековите права во Македонија.
Почитувањето на човековите права во земјата било влошено изминатава година, констатира Амнести. Изградбата на националистички споменици ги засилила меѓуетничките тензии.
Извештајот нотира дека Канцеларијата на Омбудсманот почнала да функционира како Национален превентивен механизам под Опционалниот протокол на конвенцијата на ОН против тортура, но дека немала ниту авторитет ниту ресурси за исполнување на мандатот.
Амнести вели дека продолжува лошото постапување на полицијата, а обвинителството не ги истражува ефективно наводите за тоа. Особено се посочува на лошото постапување на полициската единица „Алфа “.
Се` уште не е иницирана постапка по жалбата од Калед ел-Масри против Македонија до Европскиот суд за човекови права – случај од 2003-та што се однесува на улогата на Македонија во неговото киднапирање и тортура 23 дена во Скопје.
Слободата на изразувањето на новинари и независни медиумски работници е се` повеќе ограничено со владино мешање, што се протега од директно заплашување до контрола на рекламните компании. До октомври, биле отворени 105 случаи на клевета против новинари.
Тој месец биле отворени разговори меѓу владини официјални лица и новинари, кои бараа декриминализација на клеветата.
И покрај постоењето на Закон против дискриминацијата, таа продолжува во Македонија, особено заради тоа што законот нема одредби за заштита на хомосексуалци, бисексуалци и трансродови лица, според Амнести.
Сегрегацијата на Албанци и Роми во образованието продолжува.
Меѓу 1.519 кои барале азил, има 1.100 Косовски Роми и Ашкали кои останале во Македонија. Социјалните служби не обезбедуваат помош за нив како што биле обврзани според локален договор за интеграција од 2010-та.