Повеќе од 24.000 граѓани, досега се потпишале на петицијата која на социјалните мрежи беше отворена против Законот за јазици. Во петицијата која ќе биде доставена до Уставниот суд, стои дека законот нема да донесе подобар живот ниту на Македонците, ниту Албанците во Македонија.
„Само затоа што две партии се договориле, изгласаа неуставен и штетен закон. Ваквиот чекор е удар врз соживотот. Некој свесно не втурнува во сценарио во кое влогот е Македонија. Помогнете Уставниот суд да знае дека мнозинството Македонци и Албанци се против овој закон“, се вели во дел од петицијата на која граѓаните можат да се потпишат на интернет.
Во меѓувреме, дел од интелектуалната фела со поделени мислења околу Законот за јазици.
Универзитетскиот професор и директор на Центарот за меѓународни односи и балкански студии, Арсим Синани, за Гласот на Америка изјави дека Македонците не треба да се стравуваат од носењето на Законот за јазици.
„Мислам дека македонската заедница не треба да се чувствува дека губи нешто бидејќи и албанската заедница секогаш зборува на македонски јазик. Не гледам сега зошто употребата на албанскиот јазик треба да се сфати дека тие можат да ја изгубат државата и дека со тоа Албанците ги победиле. Употребата на албанскиот јазик треба да се сфати како нормално чувство на граѓаните“, вели Синани.
Тој додава дека Законот за употреба на јазиците ги регулира односите меѓу Македонците и Албанците и оти истиот е во склоп на Охридскиот рамковен договор.
„Проблемот мислам дека е во партијата ВМРО-ДПМНЕ, која се` уште изгледа не може да се ослободи од груевизмот и мијалковизмот и сега сакаат преку овие политички акции да се спасат и да се докажат дека се тие македонските патриоти. Законот кој тие сакаа да го договорат со ДУИ, беше и поавансиран бидејќи Груевски сакаше да остане на власт“, кажа Синани.
Аналитичарот Шпетим Положани вели дека Законот за јазици никому нема да му одземе ништо.
„Тој е само израз на една реалност, на културниот и етничкиот диверзитет во земјава. Со донесувањето на Законот за јазиците, се надополнува мозаикот на реалноста во земјава. Со унапредувањето на користењето на албанскиот јазик во сите институции во земјава, парламентарното мнозинство покажува дека има капацитет позитивно да рефлектира и кон поголемите предизвици во иднина“, изјави Положани за Гласот на Америка.
Но, универзитетската професорка на Правниот факултет во Скопје, Каролина Ристова-Астеруд го тврди сосема спротивното. Според неа, Охридскиот рамковен договор и Уставот, се целосно поништен со овој закон.
„Ако и Уставниот суд не се покаже на висината на задачата, тогаш целосно доаѓаме во ситуацијата на незаконско право, за кое лекот е само активирање на надзаконското право. Законот мора да биде бојкотиран и со организирање на огромен отпор. Опозицијата не смее со ништо друго да калкулира освен со одбрана на уставот. Дури, ако сакате така, може и да се каже дека се сменети улогите, сега Македонците ќе треба да се борат за своите права по Рамковниот“, вели Астеруд.
„Двете главни политички партии кои се јадрото на политичкото претставништво на етничките Македонци, буквално и под уцена, со меѓусебно дриблање, ги „распродаваат“ колективните, а богами и индивидуалните права и слободи на етничките Македонци, сите оние кои им следуваат и по Рамковниот и по Уставот“, додава таа.
Професорката Мирјана-Најческа вели дека време е за стручна и експертска влада без партиски кадри.
„Правила, процедури и критериуми. Мора да се воспостават и да се спроведуваат. ДУИ нема поим што значи ова (ни на македонски, ни на албански), ВМРО-ДПМНЕ со гнасење ги одбива, а СДСМ ги игнорира. Време е за стручна - експертска влада без партиски кадри. Барем 4 години, за да застане државата на здрави нозе“, напиша Најческа на својот Фејсбук профил.
Претседателот на државата Ѓорге Иванов, веќе најави дека нема да го потпише законот.
Facebook Forum