Македонците во Албанија пишуваат историја, затоа што за прв пат во албанскиот парламент во пратеничките клупи седна пратеник Македонец. Тоа е Васил Стерјовски, генерален секретар на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која е единствена македонска партија во оваа земја. Партијата на изборите во Албанија кои се одржаа во јуни 2017 година беше дел од коалицијата предводена од партијата на сегашниот албански претседател Илир Мета, Социјалистичко движење за интеграција.
Според постигнатиот договор Стерјовски бил петти на листата за округот Корча.
И досега многу Македонци ги имало и ги има во институциите на системот. Јас сум горд, затоа што сум пратеник во Собранието на Република Албанија, за првпат во нејзината историја, од регистрирана Македонска партија.Васил Стерјовски, пратеник во Парламентот на Албанија
Стерјовски, кој по потекло е од најголемата македонска општина во Албанија, Пустец, за Гласот на Америка рече дека негова основна заложба ќе биде подобрување на правата на македонската заедница која живее во Албанија и условите за живот.
„Општина Пустец е интересна туристичка дестинација, која е запоставена последните 28 години и сметам дека Владата треба да вложи во развојот на туризмот, патната инфраструктура, водоводот и канализацијата. Треба да помогне и во меѓуграничната соработка и развојот на евро-регионот и национален парк „Преспа“ меѓу Албанија, Грција и Македонија“, вели Стерјовски.
Македонците во Албанија се застапени не само во општината Пустец и селото Врбник во областа Девол. Тие се населени и живеат во педесетина други села долж целата албанско-македонска граница, во областите Мала Преспа во округот на Корча, Голо Брдо во округот на Дебар и Гора во округот на градот Кукс, како и во поголемите градови во Албанија.
Стерјовски за добар чекор го смета враќањето од страна на Собранието на Албанија на топонимите за општина Пустец и деветте села во нејзината околина на македонски јазик во 2013 година. Тој вели дека Македонците во Албанија се лојални граѓани на оваа држава и оти така ќе биде и во иднина.
„Во Албанија сме родени, во Албанија живееме, во Албанија работиме. Како албански државјани заедно ќе се грижиме и ќе ја браниме Република Албанија како наша заедничка татковина и нејзините интеграции во Европската Унија, потпирајќи се на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави. Македонците од Албанија, им се придружија на албанските партизани во Втората светска војна и помогнаа во ослободувањето на Албанија од фашизмот и станаа важен дел од оваа земја.“
Тој од говорницата во парламентот порача дека Македонците заедно со Албанците, но и другите етнички заедници кои живеат во Албанија се чуствуваат рамноправни со рамноправните пред Уставот и законите.
„И досега многу Македонци ги имало и ги има во институциите на системот. Јас сум горд, затоа што сум пратеник во Собранието на Република Албанија, за првпат во нејзината историја, од регистрирана Македонска партија“, кажа Стерјовски.
Тој долги години е познат активист за правата на Македонците во Албанија. Се смета дека во Албанија живеат околу 150.000 Македонци.
Од Обединетата македонска дијаспора со седиште во Вашингтон велат дека ова е историски ден за македонското малцинство.
„Денес е историски ден за Албанија, Македонија, за македонското малцинство во Албанија, кои се бореа долго и тешко да го постигнат овој резултат, како и општо за човековите права“, вели претседателот на ОМД, Методија А. Колоски.
Колоски, кој има корени од Корча во Албанија, вели дека Васил бил пример за млад лидер во Албанија со вистинска визија за потребите на македонското малцинство во таа земја, кој што работел напорно за да изгради свест, мостови и дијалог.
Од таму велат дека Стерјовски бил еден од неколкумината членови на национални парламенти во светот кои се со македонско потекло.
Facebook Forum