Линкови за пристапност

Зголемен буџетот за контрола на загадувањето


Задоволни сме оти беше прифатен амандманот на Буџетот, поднесен од пратеничките на ДОМ, за дополнителни пет милиони денари за акредитација на централна лабораторија, се вели во партиското соопштение

Партијата ДОМ денес изрази задоволство што поддршка на нивниот амандман за дополнителни буџетски средства за акредитација на државна лабораторија што ќе го контролира индустриското загадување, дале и ресорната министерка Нина Ангеловска и членовите на Комисијата за финансирање и буџет, и од мнозинството и од опозицијата.

„Со овие средства конечно ќе се реализира повеќегодишното барање на ДОМ за ставање во употреба на централната лабораторија во Министерството за животна средина“, се вели во соопштението.

Иако беа вложени средства за техничка опрема и стручен кадар, лабораторијата не работеше, а се користеа услуги на приватни акредитирани лаборатории

Според ДОМ, „ова, со право, оставаше сомнеж во причините за недовршување на процесот на акредитација на една државна лабораторија, која ќе биде контролор на испитувањата за загадување од индустриските капацитети и од други извори“.

Според „зелените“, од една страна, со ваквата одлука се отстрануваат сомнежите за можни непринципиелни договори меѓу одредени индустриски инсталации, приватни акредитирани лаборатории и претставници на институциите, а од друга страна, централната лабораторија ќе им биде од полза на инспекторите за животна средина при нивните контроли, кои на овој начин, ќе биде понезависни и пообјективни и ќе се постигне поефикасна заштита на животната средина и на здравјето на граѓаните.

По вчерашното соопштение на Владата дека се прифатени сите седум првични барања на „Зелената Револуција“ и обновената покана за средба со организаторите на минатонеделниот „Марш за чист воздух“, 30-те невладини организации и здруженија од маршот, го поздравија ставот на власта, и потенцираа дека се согласуваат на средба со нејзини претставници, но само по исполнување на сите барања.

„На тој начин ќе се покаже вистинска волја за почеток на взаемно решавање на овој проблем. Будно ќе ја следиме реализацијата на барањата, и очекуваме нивно целосно исполнување во најбрз можен рок. Владата е на потег“, порачаа заштитниците на животната средина.

По седницата, Владата соопшти дека „со целосна почит за исклучителната важност на темите што ги загрижуваат сите граѓани во земјата, особено оние од најпогодените градови“, со внимание ги прифатила и разгледала барањата поставени од организаторите на „Маршот за чист воздух“, како услов за одржување на средба.

Владата го прифати барањето за итно носење на ДУП СИ 09 Гази Баба за „Вардариште“, за кој се очекува да биде усвоен на следната седница на Советот на Град Скопје, како и барањето за отворање истрага за ОХИС и за палењето на кабли во Скопје и вети дека на располагање ќе бидат ставени сите доказни материјали прибрани од институциите со кои таа раководи, а го повика и Јавното обвинителство, по допрен глас, да отвори адекватни постапки.

Прифатени се и барањата на организаторите на „Маршот“ да се усвојат измените и дополните на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја и за стопирање на процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, на природни богатства, на животна средина, на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, со законот за прекршоци.

Прифатено е и барањето да се поднесе веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и на Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат, откако ќе биде потпишан анексот на Студијата за валоризација за Студенчишко блато, како и потпишувањето на Договорот за Студија за ревалоризација на Охридското езеро до крајот на 2019 година.

Исто така, Владата го прифати и барањата за одземање на концесијата на концесионерот „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука, која ќе стапи во сила по завршувањето на жалбената постапка во Управниот суд, и за одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот „Плавица“, до 17 декември.

Според Владата, се работи за првиот чекор во заедничките напори во исполнување и на останатите барања на граѓаните и на „Планот за чист воздух“

Во мерките против аерозагадувањето и во заштитата на здравјето на сите граѓани подеднакво, според најавите на премиерот Зоран Заев, ќе влезе и насочувањето на средства кон заштитата на животната средина и кон еколошките програми.

„Определивме повеќе од 15 милиони евра буџетски пари, пари од државата, за да можеме да успееме со резултатите, секоја година, дел по дел, за да се успее во борбата против аерозагадувањето“, рече Заев.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG