Линкови за пристапност

Адеми не се одзва на поканата на Судски совет да им појасни за притисоците врз Врховниот суд


СКОПЈЕ – Дали, кој и како вршел притисоци врз членови на Врховниот суд останува отворено прашање на членовите на Судскиот совет откако денеска останаа сами на маса бидејќи претседателката на највисоката судска инстанца во државата, Беса Адеми, одлучи да не дојде на работниот состанок.

Таа писмено ги извести членовите на Советот и јавноста дека нема да присуствува на средбата бидејќи не е соодветно да се организираат состаноци по медиумски написи и интервјуа а на истата тема имало изјави и од членови на судски совет, анкети на невладини организации но и ОБСЕ и Стејт Департментот.

„ Доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа ниту е соодветно, ниту пак на тоа упатуваат надлежностите на Судскиот совет“’, стои во писмото на Адеми.

Таа ги праша членовите на Судски совет зошто не реагирале така експедитивно на наводите на Дамева и Црвенковска, поранешни претседателки на Советот.

„ На притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања укажаа дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет на Република Северна Македонија. И покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело“, е ставот на Адеми.

Во одговорот на поканата, Адеми ги цитираше извештаите на ОБСЕ, Прибе и Европската Комисија кои укажуваат на притисоци врз судиите.

„Европската Комисија во последниот извештај истакна дека важно е да се осигури дека судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање од надвор. Политичките притисоци и влијанија се нагласени и во Извештајот на Прибе. Стејт департментот нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.Цврсто сум убедена дека оваа недела и во следниот период, веднаш по добивањето на извештаите на Европската унија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството, но и ќе се даде јасен патоказ за чекорите кои треба да се преземат понатаму“, пишува Адеми.

Од Судскиот совет се на став дека ќе ги испитуваат наводите на Адеми и покрај тоа што работниот состанок не се одржа и дека тие се тело кое гарантира заштита на судиите од влијанија и притисоци.

„Мое видување е дека во писмото се лични ставови на Адеми за состојбата. Нужно и неопходно е да дојде Адеми доколку има политички влијанија врз судиите во Врховниот суд. Ја охрабрувам и испраќам порака до судиите доколку имаат влијанија или чувствуваат притисоци дека им стоиме на располагање и да им обезбедиме заштита од ваквите влијанија и притисоци. Кривично дело е лице да врши влијание или присила на судија или работник во суд и тоа е пропишано во Кривичниот законик“, изјави Сашко Георгиев, претседател на Судски Совет.

Досега Судскиот свет нема информации за притисоци и политички влијанија врз судии.

„ До овој момент не само од судии туку и од граѓани ни пристигнуваат поднесоци и претставки но не наидуваме на информации дека некој им врши притисок и доколку има такви информации и сознанија ние ќе постапуваме“, изјави Ивица Николовски, член на Судски совет.

Адеми, во интервју за порталот „Сакам да кажам“, изјави дека се вршат притисоци врз судии во врховниот суд за да се „оживее“ аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов и да се спаси екс премиерот а сега бегалец Никола Груевски од казните кои останаа по измените на Кривичниот законик.

Додека во судството продолжуваат тврдењата за притисоци и политички влијанија, како од домашни така и од странски релевантни организации, но и ОБСЕ, Стејт Департментот и Европската комисија, довербата на граѓаните во судството продолжува да паѓа и изнесува само два отсто.

XS
SM
MD
LG