НАТО вложува огромни напори да го собере неопходниот број жива сила и опрема од своите членки со што би се проширил неговиот мировен ангажман надвор од Кабул и северниот дел на Авганистан. Според претставници на НАТО, сега се чини дека Алијансата ќе може да биде присутна и на запад и до наредната година, свои мировници да има низ целата територија на земјата.
Италија, Шпанија и Литванија се согласија да испратат свои трупи и опрема за оваа мисија, и тие ќе им се придружат на американските единици кои сега ќе се најдат под знамето на НАТО.
Меѓутоа, и натаму без решение е американскиот предлог за интеграција на 8.000 мировници на Алијансата со многу побројните американски сили во Авганистан во операција за гонење на остатоците на Талебан и Ал-Каида во Авганистан. Франција и Германија се противат, велејќи дека задачата на НАТО-силите во оваа земја е да ја гарантираат безбедноста за авганистанската влада, а не да се борат против тероризмот.
Сепак, проблемите во Авганистан изгледаат мали кога ќе се споредат со тешкотиите во врска со реализација на планот што лидерите на НАТО го одобрија минатиот јуни – Алијансата да организира програма за обука на по илјада ирачки офицери годишно.
Франција, Германија и четири други земји-членки на Алијансата не само што одбиваат да испратат трупи во Ирак, туку се и против идејата нивните офицери кои се наоѓаат во структурите на НАТО да учествуваат во каква и да е мисија во оваа земјата.
Германија сепак обезбедува обука за ирачкиот безбедносен персонал во соседните Обединети Арапски Емирати, а Франција понуди да го стори истото во Катар.
Министрите за одбрана на НАТО на самитот ќе се фокусираат и на Косово, каде Алијансата вети дека ќе го задржи сегашниот состав со цел да ја гарантира стабилноста. Со наближување на времето за решавање на финалниот статус на покраината, претставници на Алијансата посочуваат дека сакаат да бидат што е можно поподготвени да реагираат на евентуални нови етнички насилства меѓу албанското и српското население.