Линкови за пристапност

Обука за преживување во заложништво  - 2004-10-27


Воените експерти земањето заложници го нарекуваат оружје за глобално влијание, затоа што очајната состојба на жртвата како што беше случајот со Британецот Кенет Бигли, има моќ за привлекување на вниманието на ТВ-гледачите низ светот. Особено ако се работи за жртва која е обичен цивил, токму како нив.

"Луѓето кои ги гледате на телевизија, кои се покажани пред медиумите и понекогаш убивани, се возачи на камиони, помошен персонал,"вели пензинираниот поручник во американската авијација Роџер Олдриџ, кој ги обучувал пилотите што да прават доколку се соборени на непријателска територија. Сега дава часови на цивили во националниот Центарот за преживување заложници во државата Вашингтон. Тој вели дека барањата за таква обука денес се поинакви, зашто терористи и милитанти семаат заложници, а не армии:

„Тие не приведуваат пилот на воен авион или морнар од борбен брод, или припадник на специјалните сили, кој е обучен за тоа. Тоа ја превртува наопаку досегашната обука“, вели господинот Олдриџ.

Меѓународните организации од поодамна ја воочиле потребата од обука за преживување на заложништвото. Мерси Корс имаат хуманитарни работници насекаде низ светот:

„Безбедноста секогаш била тема. Но појавата да се земаат за заложници хуманитарни работници е релативно нова. Нас не сметаат за таканаречени меки цели, затоа што не сме вооружени и не прави лесно совладливи“, вели портпаролот на организацијата Мерси Корпс, Ерик Блок. Тој вели дека организацијата дава препораки што да се прави во случај некој од нивните работници да е земен како заложник. На пример, да јаде каква било храна за да остане здрав. Да не се обидува да побегне. Да не зборува со грабнувачите за политика и религија. И додава:„Глобалната атмосфера за организациите од типот на Мерси Корпс, кои испраќаат луѓе во опасни ситуации денеска е полна со повеќе предизвици отколку во минатото„.

А тоа бара поголем ангажман. Националниот Центар за преживување во заложништво обуката ја крена на посодржајно ниво. Студенти со врзани очи се испрашуваат во вперен пиштол, додека наставниците тоа го гледаат на ТВ во соседната просторија. Воени и безбедносни експерти сметаат дека има развиен пазар за ваков вид тренинзи. Недостатокот од ваков вид обука го воочиле планерите во Пентагон, како поручникот Џон Хобл, кој смета дека тренингот врз војниците треба да се прошири и на цивили:

„Овој процес е во зародиш. Но се обидуваме да пронајдеме патишта како е најдобро да се прошири тренингот на толку голема популација“.

Основниот курс за преживување од заложништво трае два до три дена, но целата програма за воениот персонал може да трае и неколку недели. Меѓу оние кои се пријавуваат за овие курсеви најмногу има извршни директори на фирми, владини агенти и членови на Националната гарда.

XS
SM
MD
LG