Линкови за пристапност

Стејт департментот загрижен заради влошување на односите во православната верска заедница, особено меѓу Македонската и Српската православна црква  - 2004-09-15


Изминатата година во Македонија не се констатирани промени во однос на почитувањето на верските слободи. Немало никакви провокативни акции и Стејт департментот утврдил дека земјата е фокусирана на рамноправност на сите граѓани и дека е задржан статусот на почитување на слободното верско изразување. Во прилог на тоа се наведуваат и генерално пријателските односи меѓу различните верски заедници.

Меѓутоа, во извештајот на Стејт департментот се вели дека постои загриженост заради нарушување на односите меѓу Македонската и Српската православна црква, при што македонската Влада во спорот отворено застанала на страна на Македонската Црква. Во тој контекст хронолошки и детално се опишува случајот со Зоран Вранишковски или расчинетиот владика Јован. Притоа се заклучува и дека овој случај и јавното одбивање на Српската црква да ја признае независноста на Македонската православна црква предизвикале остри реакции во јавноста, во медиумите и во власта.

Инаку, според Стејт департментот, случаите на социјална дискриминација во Македонија повеќе се базирани на етнички отколку на верски предрасуди.

Во извештајот што беше објавен вчера новина е додавањето на Саудиска Арабија на списокот на земји од особена загриженост заради кршење на верските слободи. Заедно со Северна Кореја, тоа е втората земја во светот каде што и не постои верска слобода. Не се предвидени казнени мерки, но американскиот државен секретар Колин Пауел најави дека САД ќе се обидат да ја подобрат состојбата.

„Дозволете ми да нагласам дека ќе продолжиме да се ангажираме околу Земјите од посебна загриженост со кои имаме билатерални односи. Нашите постоечки партнерства создадоа бројни капацитети и тоа е еден од најдобрите начини за поттикнување на нашите пријатели да усвојат толерантни постапки“, вели господинот Пауел.

Како пример за верска нетолеранција, амбасадорот за верски слободи, Џон Ханфорд наведе дека оние кои не се муслимани не можат да станат државјани на Саудиска Арабија. Останатите земји во кои се смета дека најсериозно се кршат верските слободи се Кина, Бурма, Иран и Судан.

XS
SM
MD
LG