Линкови за пристапност

Објавена студија за тоа како Западна Европа може да ја зајакне својата конкурентност - 2004-09-15


Господинот Бејли вели дека за ги зајакне растежот и продуктивноста, Западна Европа мора да ги намали широкоградите социјални бенефиции, да го продолжи работниот век пред пензионирање и да ги редуцира регулативите со кои се попречуваат стопанските активности. Мартин Бејли, кој сега е соработник на Институтот за меѓународна економија во Вашингтон, признава дека ова е тешко и политички непопуларно.

Но, во студијата на 300 страници со наслов Трансформирање на европската економија, се излагаат пречките за растежот, што речиси оневозможуваат да се постигне целта на ЕУ за нови 21 милион работни места до 2010 година. Целта ја поставија лидерите на ЕУ во Лисабон во 2000-та. Минатата година 15-те членки на ЕУ отворија само 412 илјади нови работни места, а претходната година 740 илјади. ЕУ, која се прошири на 25 држави членки, е најголемата економија според население и бруто домашен производ.

Бејли и́аплаудира на Западна Европа што постигнала ниво на просперитет што не се предвидувал пред 30 години. Тој вели дека Европа е многу понапред од САД во универзалната здравствена заштита, но додава и дека скапите програми може да се одржуваат само на сметка на намален растеж. Еден од примерите е раното пензионирање.

„Доколку имате сличен поттик во САД како во Европа, тогаш и Американците би се однесувале на ист начин. Ако имате можност за пензионирање на 55 годишна возраст со сите трошоци за здравствено осигурување и добра пензија, тогаш луѓето ќе се пензионираат на 55 години“, вели господинот Бејли.

Во Западна Европа просечната возраст за пензионирање е 59 години, додека во САД - 65.

Трошоците на Владата за социјална заштита, главно за здравствена заштита и пензионирање, во Шведска се 31 процент од бруто домашниот производ и 29 проценти во Франција, во споредба со 15 проценти во САД. Слична е состојбата и кај просечниот број на работни часови по работник. Во 60-те и 70-те, Европејците имале подолго работно време од Американците. Сега тие имаат значително покусо работно време, делумно заради платените годишни одмори што обично достигнуваат четири недели во годината во споредба со едвај повеќе од две недели во САД. Франција неодамна ја намали работната недела на 35 часа.

Мартин Бејли го поздравува повикот на ЕУ за реформи на пазарот на труд, но вели дека промените мора да ги извршат владите на самите земји-членки.

„Им аплаудираме на напорите на ЕУ да продолжи со социјалните реформи, реформите на пазарот на производи, формирањето на единствен пазар итн. Но, на крајот на кариштата, Брисел нема овластувања за многу работи што се важни“.

Студијата истакнува дека има многу позитивни страни во европскиот економски модел. Бејли потенцира дека не заговара Европа слепо да го имитира повеќе пазарно-ориентираниот американски модел. Тој исто така ги истакнува позитивните, но умерени реформи во некои европски земји, пред се́ во Британија, Шведска, Холандија и Данска.

XS
SM
MD
LG