Линкови за пристапност

Комисијата за 11 септември препорача реорганизација на американското разузнавање - 2004-07-22


Независната комисија што вршеше истрага по терористичките напади од 2001 предлага големи промени во американското разузнавање во конечниот извештај поднесен до Конгресот и до администрацијата на претседателот Буш.

Извештајот има преку 500 страници и доаѓа по 20 месеци макотрпна истрага на двопартиската десетчлена Комисија за тоа што потфрлило на 11-ти септември и како да се спречат идни напади.

Претседателот на Комисијата Томас Кин на прес-конференција во Вашингтон кажа дека најголем пропуст поврзан со нападите од 11 септември е оној на имагинацијата, односно тоа што првите луѓе на администрациите и на претседателот Клинтон и на Буш никогаш целосно не сфатиле колкава опасност претставува Ал-Каида за територијата на САД.

"Бидејќи учесниците во заговорот биле флексибилни и имале средства на располагање, ние не можеме да знаеме дали некој конкретен чекор, или серија чекори би ги спречиле. Она што може да го кажеме со голема сигурност е дека ниедна од мерките усвоени од американската влада пред 11 септември не го попречила ниту одложила напредокот на заговорот на Ал-Каида“, рече господинот Кин.

Извештајот наведува, како што стои, „длабоки институционални пропусти“ во владата со неискористувањето на неколку можности да се разоткрие заговорот. Сепак, Комисијата не вели дека нападите можеле да бидат спречени.

Комисијата предлага големи измени во функционирањето на американското разузнавање, со цел да се спречат идни напади. Главниот предлог е да се назначи директор за разузнавање кој директно ќе одговара на претседателот, како и создавање на национален контратерористички центар за подобра координација на информациите што доаѓаат од ЦИА и другите разузнавачки агенции во владата.

Извештојатот содржи и барање за подобрување на проверката на имигрантите, за да се задржат терористите надвор од земјата, како и пофокусиран приод во надворешната политика, во смисла на допирање до умерените муслимани во светот.

Потпретседател на Комисијата за 11 септември е поранешниот конгресмен Ли Хамилтон.

“Треба да се приклучиме на битката со идеи во рамки на исламскиот свет, да пренесеме порака за надеж наспроти очајот, напредок на местото на прогонувањето, живот наместо смрт. Оваа порака треба да соодветствува со политиката што го охрабрува и поддржува мнозинството Муслимани кои ги имаат истите цели“, кажа госпоидинот Хамилтон.

Пред неговото објавување во јавноста, извештајот беше претставен на претседателот Буш во Белата Куќа.

“Тие навистина завршија голема работа во сфаќањето за нашата земја, дознавајќи што потфрлило пред 11 септември и давајќи цврсти и јасни препораки за тоа како да се оди натаму. Јас ги уверувам дека таму каде што владата треба да реагира - ќе реагираме“, изјави американскиот претседател.

Демократскиот претседателски кандидат Џон Кери исто така беше брифиран за извештајот и тој ги поттикна претседателот и Конгресот брзо да реагираат по препораките на комисијата.

Меѓу препораките на комисијата е и барањето за подобар надзор од страна на Конгресот.

Извештајот предизвика различни реакции кај семејствата на жртвите од нападите на 11 септември, од кои многу вршеа притисок за создавање на комисијата.

Кајл Хенс е ко-основач на групата наречена Граѓански надзор на 11 септември.

“За жал она што очекуваме на крајот да го добие јавноста е ветер и магла и најголем дел од Американците тоа би требало да го олвалификуваат како фарса, како срамна, колосална измама“, изјави господинот Кајл.

Претседателот на Комисијата Томас Кин вели дека на извештајот не треба да се гледа како на политички документ што разединува, туку како на повик за подготовка за осуетување на идни терористички закани.

“Се соочуваме со решителен непријател кој на ова гледа како на бавно уништување, и се работи за навистина епохална борба. Очекуваме натамошни напади. Таков непријател никогаш не се задоволува. Ова е предизвик на нашата генерација. Како Американци, мора да истапиме и да се соочиме со предизвикот“, рече господинот Кин.

Извештајот за 11 септември исто така фрла нова светлина на односот меѓу Ал-Каида и Ирак. Извештајот вели дека иако постоеле пријателски контакти, тоа не прераснало во „однос на соработка“. Извештајот исто така ги детализира врските меѓу Ал-Каида и Иран, но се наведува дека нема докази оти официјален Техеран бил вмешан или знаел за нападите на 11 септември.

XS
SM
MD
LG