Линкови за пристапност

За иднината на Србија соработката со Хаг е клучот - 2004-07-21


Со јасен политички став и многу оптимизам, новиот претседател на Србија вчера пред Вашингтонската публика во Националниот прес клуб се претстави како „камен темелник“ и „сидро“ за политичката стабилност. Господинот Борис Тадиќ за себе кажа и дека е човек кој ќе се обиде да го обедини демократските сили во државата.

Мојата победа на изборите е доказ дека демократските сили се посилни од сите други сили, рече господинот Тадиќ зборувајки за пораката што граѓаните на Србија очигледно ја прифатиле од неговата кампања.

„Србија сеуште се соочува со тешкотии, но има јасен пат пред себе“, рече тој посебно истакнувајќи го пријателството и соработката со САД како витален национален интерес и целосната соработка со Хашкиот трибунал за воени злосторства на ОН, се со цел, како што рече тој, „Србија повторно да го земе своето традиционално место во констелацијата на западни демократии“.

Предавањето на воените злосторници на меѓународниот суд за господинот Тадиќ е клучно прашање за иднината на Србија. Ние самите сме биле жртви и знаеме што значи етничко чистење, рече господинот Тадиќ, раскажувајќи дека во неговото семејство имало убиства извршени од усташи, за време на Втората светска војна. Тој се заложи тоа да биде запомнато, како лекција, но додаде дека такво нешто е невозможно доколку „имаме проблем во нашиот двор, како Сребреница“.

Јас целосно верувам во мултиетничко општество, и мора тоа да го обезбедиме на Косово и во сите делови на Балканот, тоа е многу важно за сите нас и за нашата верба во иднината, рече господинот Тадиќ.

Појаснувајќи ја својата идеја за соживот, тој рече дека ги поддржува преговорите со косовските лидери, но дека кај него нема дилеми. Косово е дел од Србија, како што стои во резолуцијата на ОН 1244, а меѓународните документи мора да се почитуваат, вели господинот Тадиќ.

„Од моја гледна точка, како претседател на Србија, независноста на Косово е неприфатлива. Ако албанските лидери во Приштина очекуваат дека некој во Белград ќе биде за независност на Косово, тоа е нереално. Во таа смисла јас ќе вршам притисок врз процесот на преговарање и ќе сторам се што можам да обезбедам услови за дијалог, дијалог меѓу Албанците и Србите. Зашто само со дијалог ќе дојдеме до решение“.

Топло примен од вашингтонската публика, која во голем број се собра да го види и чуе новиот српски претседател, господинот Тадиќ возврати со иста мерка. Колку за мене се важни односите со САД, рече тој, се гледа и од фактот што до моето заминување од Вашингтон ќе бидам тринаесет дена на функцијата, од кои осум минувам во САД. Тој деновиве се сретна со голем број официјални претставници на американската влада и на Конгресот каде ја пренесе истата оптимистичка порака и надеж за иднината на Србија.

XS
SM
MD
LG