Лидерот на Српската демократска партија, Борис Тадиќ е избран за претседател на Србија. Господинот Тадиќ го победи Томислав Николиќ, кандидатот на ултра-националистичката Српска Радикална партија. Изборите беа значајни, пред се заради фактот дека резултатите беа валидни: претходните три претседателски избори беа неважечки затоа што немаше доволен одзив на гласачите.
Овие избори беа значајни и заради јасната разлика меѓу двајцата кандидати. Господинот Николиќ е нагласено анти-западно ориентиран. Поранешниот сојузник на соборениот српски претседател Слободан Милошевиќ се заложи да не се инсистира на предавање на Срби на Трибуналот на ОН за воени злосторства. На господинот Милошевиќ му се суди во овој трибунал, по обвиненија за злосторства извршени за време на балканските конфликти во 90-те. Господинот Николиќ индицираше дека сака да ја врати контролата врз српската провинција Косово, што се наоѓа под администрација на ОН од 1999 година.
Кандидатот на Демократската партија Борис Тадиќ водеше кампања за интеграција во евро-атлантските институции и за развивање на пазарна економија што ќе ја внесе Србија во ЕУ. Тој исто така кажа дека ја почитува резолуцијата 1244 на ОН, со која се воспоставуива протекторат на ОН во Косово. Господинот Тадиќ рече дека планира да започне нова рунда преговори за иднината на Косово:
„Мора да преговараме за Косово и ја почитуваме резолуцијата 1244, тоа не е спорно“, вели тој.
Заменикот портпарол на американскиот Стејт Департмент, Адам Ерели ги поздрави резултатите од претседателските избори во Србија.
„САД му честитаат на Борис Тадиќ за победата на претседателските избори во Србија и му честитаме на српскиот народ за учеството во демократскиот процес. Американската влада однапред се радува на соработката со претседателот Тадиќ, како и со премиерот Воислав Коштуница и со другите демократски лидери на Србија“, рече тој.
Овие избори, рече заменикот портпарол на Стејт Департментот, Адам Ерели, “претставуваат уште еден чекор кон демократските реформи што српскиот народ ги започна во октомври 2000-та“.