Линкови за пристапност

Истражувања: Американците секојдневно мамат и лажат - 2004-06-30


Америка има проблем со мамењето... и тоа не се се однесува само на извршните директори во компаниите кои ги мамат инвеститорите, или новинарите кои измислуваат и препишуваат стории. Излегува дека многумина Американци, поточно десетици илјади, секојдневно мамат или лажат. Добрите познавачи на ситуацијата сметаат дека проблемот станува се́ поголем. Мамењето станало толку вообичаено, што Американците дури не се срамат да признаат дека го сториле тоа. Еве дел од одговорите од анкетата направена во Њујорк, на прашањето дали некогаш сте сториле измама?

„Еднаш, кога тестот го фрлив, наместо да го предадам, бидејќи знаев дека резултатите немаше да бидат добри. Следниот ден, кога професорот ги делеше тестовите, му реков дека не сум присуствувал на вчерашниот испит и тој ми дозволи да полагам“.

„Се разбира. Лажев во однос на мојата театарска биографија. Работев во продукција, но ние не правевме целосна продукција на Шекспир, туку само сегменти, а јас напишав дека сме правеле цела претстава, бидејќи звучи подобро, како да имам поголемо професионално искуство“.

„Дефинитивно сум лажела во однос на работното искуство, посебно во врска со Њујорк, бидејќи сите во угостителството бараат да имате „њујоршко искуство“. Воопшто не се чувствував лошо поради тоа, бидејќи бев убедена дека сум добра во угостителството, и навистина не ми беше потребно тоа „њујоршко искуство“. Значи да, за да дојдам до она што сакам, сум кажала такви добронамерни лаги“.

Добронамерна лага. Тоа е терминот што Американците го користат за кажувањето невистини или погрешното интерпретирање на нештата за кои сметаат дека не се штетни. Но, се покажува дека овие лаги можеби и не се толку безопасни.

„Во еден дел, со тоа се потценуваат идеалите за доблесност во американското општество, дека на врвот избиваат најдобрите. Во овој момент, тоа не е случај. Често, тоа се луѓе кои газат врз други или кои ќе направат се́ и сешто, само за да стасаат до нешто“, вели, Дејвид Калахан, автор на книгата „Култура на мамењето: Зошто се повеќе Американците се однесуваат погрешно само за да напредуваат“.

„Мамењето исто така е лоша пракса, бидејќи цената што се плаќа е голема. Годишно се губат по 250 милијарди долари како резултат на даночно избегнување, 600 милијарди долари се губат како резултат на кражби на работното места, најголем дел од нив од страна на лица кои се сметаат за граѓани кои ги почитуваат законите. Така, цената што се плаќа како резултат на измамата со САД лесно ја надминува сумата од трилион долари годишно“, додава тој.

Истражувањето спроведено во 2002 година од страна на Институтот за етика Џозефсон од Лос Анѓелес,покажало дека учениците во американските средни училишта годишно мамеле барем на еден испит. Г-динот Калахан во неговата книга ги наведува и резултатите од проверките на околу 4 милиони поднесувачи на пријави за вработување, што ги направила една фирма во Њу Џерси, кои покажуваат дека повеќе од една половина од нив дале лажни податоци во нивните биографии.

Дејвид Калахан вели дека мамењето никогаш не било поисплатливо... и кога тоа ќе се комбинира со фактот дека владините функционери, вработените, професорите често немаат време или пари за да ја следат ситуацијата, резултатот е култура на мамење. Но, тој исто така додава дека проблемот историски покажува тенденција да биде надминуван.

Тој е убеден дека ќе следи уште еднa таквa контрареакција против мамењето во Америка. Тој смета дека Американците се презаситени од големите финансиски измами во дел од американските корпорации како Енрон и Ворлдком, на пример, или пак скандалите поврзани со репортери на Њујорк Тајмс и Ју Ес Еј Тудеј, кои своите измислици ги презентирале како факти. Но г-динот Калахан сепак вели дека не може точно да предвиди кога ќе започне таа контрареакција, ниту како таа ќе изгледа.

XS
SM
MD
LG