Линкови за пристапност

Позитивни реакции од арапскиот свет на трансферот на власта во Ирак  - 2004-06-28


Арапските и аналитичарите од регионот велат дека предавањето на суверенитетот на ирачката привремена влада е добар прв чекор кон преземањето на целосната контрола врз земјата од страна на Ирачаните. Но многу експерти на Блискиот Исток исто така велат дека не е доволно да се убедат повеќето Арапи дека САД се искрени дека за секогаш ќе заминат од Ирак.

Поранешниот прв човек на Арапската лига од 22 членки, Есмат Абдел Меџид, го поздрави трансферот на власта во Ирак. Но тој рече дека многумина на Блискиот Исток ќе бидат загрижени дека вчерашната церемонија била само обид на САД да го поправат сопствениот имиџ.

„Се надевам дека ова ќе биде отворање на нова страница и дека САД чесно дејствуваат и позитивно и не се обидуваат со тоа да играат некаква игра. Знаете, многу е важно за САД да го обноват она што го губат не само на Блискиот Исток, туку и во целиот свет. Затоа што има противење на американската акција во Ирак, не само на Блискиот Исток, туку и во други делови на светот. Затоа ако ова е искрено, позитивно и води кон тоа Ирак повторно да го добие вистинското место во регионот, затоа што Ирак е многу важна држава во областа, тогаш овој потег ќе успее“, оценува тој.

Господинот Абдел Меџид вели дека добар начин Вашингтон да докаже дека навистина мисли да воспостави власт во Ирак, е американските сили да се повлечат, според неговите зборови, колку што е можно побрзо. Ставот дека по трансферот на власта мора да уследи повлекување на американските трупи вчера го искажаа неколку регионални аналитичари.

Првиот човек на Одделот за политички науки на Универзитетот во Каиро, господинот Хасан Нафа, вели дека секоја мерка со која на Ирачаните им се дава моќ да донесуваат одлуки е позитивна. Но тој вели дека и натаму се сомнева оти трансферот на административната власт во Ирак ќе импресионира многу Арапи, кои сметаат дека САД сакаат да ја контролираат ирачката нафта.

„Мислам дека луѓето во арапските земји не гледаат на тоа како нешто што ќе го промени животот на ирачкиот народ. Повеќето арапски интелектуалци сметаат дека во Ирак и натаму одлуките ги носат САД. Бидејќи ирачката влада нема воена машина, безбедносна машина воопшто, тогаш најважните работи ќе се решаваат преку Американците и окупационите сили генерално. Затоа, се додека оваа влада нема безбедносен апарат, нема да биде во позиција да донесува вистински одлуки за Ирак“, вели тој. Професорот Сами Баруди од Американскиот Универзитет во Бејрут вели дека многу Арапи веројатно грешат кога бараат американско повлекување сега.

„Ако САД веднаш се повлечат, ќе настане тотална анархија, затоа ќе биде многу лошо за ирачкиот народ. Но истовремено, никој не гледа излез. Мислам дека сите овие работи требаше да бидат смислени пред окупацијата, а не потоа“, истакнува г-динот Баруди.

Генерално, аналитичарите од Блискиот Исток кои зборуваа по предавањето на власта во Ирак, го поздравуваат овој чекор. Но велат дека Арапите во регионот ќе сакаат да видат целосно повлекување на коалиционите сили од Ирак колку што е можно побрзо, иако повеќето се согласуваат дека има добра причина да се верува оти тоа ќе биде тешко да се постигне.

XS
SM
MD
LG