Линкови за пристапност

Независната комисија за истрага се сомнева во поврзаноста на Садам Хусеин и Ал Каида во врска со нападите од 11 септември - 2004-06-17


Двопартиската, независна Комисија што ги истражува нападите од 11 септември соопшти дека Осама бин Ладен се сретнал со припадник на ирачкото разунавање во Судан во 1994 година.

Но во извештајот што комисијата го објави вчера, се изнесуваат нови сомневања за наводните врски меѓу ал-Каида и Ирак пред терористичките напади во 2001.

Даглас МекИчан е поранешен заменик директор за разузнавање во ЦИА и член на персоналот на Комисијата.

„Има извештаи за контакти меѓу Ирак и ал-Каида по враќањето на бин Ладен во Авганистан, но изгледа дека тие не резултирале со соработка. Двајца блиски помошници на бин Ладен остро демантираа дека постоеле какви било врски меѓу ал-Каида и Ирак и до сега не добивме веродостојни докази дека Ирак и ал-Каида соработувале за нападите врз САД“, вели тој.

Заклучокот на Комисијата е спротивен на долготрајниот став на администрацијата на Буш дека има поврзаност меѓу Садам Хусеин и ал-Каида. Во понеделникот потпретседателот Дик Чејни го повтори неговото тврдење дека ирачкиот диктатор имал одамна воспоставени врски со ал-Каида.

Претседателот Буш ги бранеше тврдењата на господинот Чејни на прес-конференцијата во вторникот во Белата куќа, при што ја спомена опасноста од Абу Мусаб ал-Заркави, за кого американските власти сметаат дека оперира со терористичка ќелија на ал-Каида во Ирак.

„Заркави е најдобар доказ за поврзаноста меѓу подружниците на ал-Каида и самата ал-Каида. Тоа е личност која се уште убива. Сетете се на размената на и-меил пораки меѓу раководството на ал-Каида и него за тоа како да се попречи напредокот кон слободата. Садам Хусеин исто така е поврзан со терористички органзиации. Тој беше поврзан со терористот Абу Најдал“,рече американскиот претседател. Во извештајот на Комисијата за нападите од 11 септември се вели дека камповите за обука на ал-Каида во Авганистан исто така ефикасно им помагале на терористите, според неговите зборови, “креативно да размислуваат за начините за извршување масовни убиства“.

Во извештајот исто така се наведува дека ал-Каида драстично се променила и дека станала подецентрализирана по нападите во 2001 и како резултат на американската инвазија на Авганистан. Но директорот на персоналот на Комисијата, Филип Зеликов на Комисијата и кажал дека групата на Осама бин Ладен и натаму е посветена на извршување на нов голем напад врз САД.

„Разузнавачката заедница очекува да продолжи трендот кон напади што би предизвикале поголеми жртви. Ал-Каида и другите екстремистички групи веројатно ќе продолжат да ги користат информациите за националната безбедност што протекуваат до медиумите, информациите од отворени извори за техники како што се мешање на експлозиви и предностите на електрониката. Без разлика на тактиката, ал-Каида активно се труди да ги нападне САД и да предизвика масовни жртви“, рече тој.

Во друг извештај што беше објавен вчера, Комисијата за нападите на 11 септември вели дека планерите на нападите во 2001 првично предложиле киднапирање на 10 авиони што би се урнале во други цели, меѓу кои седиштата на Еф-Би-Ај и ЦИА, во некои нуклеарни централи и во високи згради во Калифорнија и федералната држава Вашингтон. Но, во извештајот се вели дека Осама бин Ладен го отфрлил тој план и се заложил за помал напад со четири авиони.

Комисијата што ги истражува терористичките напади од 11 септември денеска ќе го заврши јавниот распит и кон крајот на јули ќе го објави конечниот извештај.

XS
SM
MD
LG