Линкови за пристапност

Роналд Реган е победник во Студената војна - 2004-06-11


Кога Роналд Реган стана претседател во 1981 година, Студената војна со Советскиот сојуз беше во полн замав. Но, во текот на 8-те години минати што ги мина на оваа функција, започна распадот на комунизмот и односите меѓу САД и Советскиот сојуз почнаа да се затоплуваат. Следува осврт на улогата на 40-тиот американски претседател во ставањето крај на Студената војна.

На почетокот на неговото претседателствување, Роналд Реган најави огромно натрупување на нуклеарно оружје, ветувајќи потиснување на комунизмот ширум светот. Набрзо, тој Советскиот сојуз го нарече „зла империја“. Кога Михаил Горбачов дојде на власт во 1985 година, економијата на Советскиот Сојуз беше во катастрофална ситуација, додека САД и натаму развиваа и натрупуваа оружје. Јазот меѓу САД и Советскиот Сојуз на воен план се́ повеќе се продлабочуваше.

Претседателот Реган ја искористи шансата - среќавајќи се со г-динот Горбачов во 1986 година. Двајцата лидери на крајот потпишаа договори за забрана на нуклеарни проектили од среден дострел и за ограничување на стратешкото оружје. Алан Лихтман, експерт по претседателска историја на Американскиот Универзитет во Вапингтон вели дека г-динот Реган ќе биде запаметен како претседател кој извојувал победа во Студената војна.

„Студената војна беше долга и тешка битка што траше уште од 1945 година, по завршувањето на Втората светска војна. Сепак, во време на претседателствувањето на Роналд Реган, независно дали тој бил одговорен за тоа или не, Студената војна фактички заврши со американска победа и со почеток на распадот на советската империја“.

Во 1987 година, претседателот Реган го посети Берлинскиот ѕид, долгогодишниот симбол на комунизмот и советската доминација.

„Генерален секретаре Горбачов, доколку сакате мир, доколку сакате просперитет за Советскиот Сојуз и Источна Европа, доколку сакате либерализација -дојдете овде до оваа порта. Г-дине Горбачов, отворете ја оваа порта. Г-дине Горбачов, урнете го овој ѕид“.

Помалку од една година потоа, г-динот Реган ја напушти функцијата, а Берлинскиот ѕид падна - што беше сигурен знак дека Студената војна завршува.

Ли Едвардс од Фондацијата Херитиџ, конзервативна политичка институција во Вашингтон, е новинар кој речиси 40 години ги следел активностите на починатиот претседател. Тој потенцира дека г-динот Реган…

„...Ја заврши Студената војна без еден истрелан куршум и тоа го стори со исклучително натрупување на војска, на американска војска и користејќи мерки како што се Иницијативата за стратешка одбрана, кои го убедија Советскиот сојуз и Михаил Горбачов дека не можат да победат во трката во вооружување“.

Стивен Вејн, професор по извршна власт на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон вели дека некои на надворешната политика на г-дниот Реган гледаат како на нешто што премногу се потпирало на одбраната, но токму на тој начин беше достигнат крајот на Студената војна.

„Тој во основа веруваше дека Русите не можат да се натпреваруваат со нас и оти тие ќе не почитуваат доколку бидеме надмоќни. Затоа инсистираше на воена надмоќ, и на крајот Советите се повлекоа“.

Лу Кенон, поранешен новинар во Вашингтон Пост и биограф на Реган, вели дека главното достигнување на претседателствувањето на Реган е крајот на Студената војна и распадот на Советскиот Сојуз.

„Централната премиса на Реган беше дека доколку со Советскиот Сојуз преговараме од позиција на сила, Советскиот Сојуз нема да биде во можност да го стори истото, дека или ќе се повлечат или ќе се откажат - и тој всушност не знаеше како тоа ќе заврши, бидејќи тие немаа економска моќ за да преговараат од позиција на сила“.

Експертите велат дека претседателот Реган знаел оти советската економија се соочува со проблеми и ја искористил таа шанса. Тоа, согласни се аналитичарите, бил чекор кој драматично го променил ликот на Европа и односите меѓу светските супер сили.

XS
SM
MD
LG