Линкови за пристапност

Амнести Интернешнал: Ситуацијата со почитувањето на човековите права во Македонија се подобрува, но и натаму има наводи за тортура од страна на безбедносните сили    - 2004-05-26


Меѓународната заедница и натаму го поддржува мировниот процес во Македонија по вооружениот конфликт во 2001-та година. Во извештајот на Амнести Интернешнал, невладина организација за заштита на човековите права, со седиште во Лондон уште се наведува дека и покрај некои инциденти на насилство и појавата на таканаречената Албанска национална армија-АНА, која, како што се вели во извештајот, наводно се залага за соединување на дел од Македонија со соседно Косово и Албанија, безбедносната ситуација во земјата е релативно стабилна. Хју Полтон од Меѓународниот секретаријат на Амнести Интернешнал во Лондон, одговорен за проектите за Македонија, Србија и Црна Гора, Косово и Албанија, во изјавата за нашата редакција, кажа:

„Ситуацијата полека се подобрува, минатата година, што е речиси за изненадување, беа спроведени бројни истраги, и некои полицајци всушност беа обвинети. Ние би очекувале дека казните нема да бидат соодветни на злосторството, но ова дефинитивно е напредок, и се чини дека се намалува бројот на инциденти на сериозна тортура“.

Во извештајот на Амнести се наведува и дека продолжува, цитираме, неадекватната истрага за случајот „Раштански лозја“. Господинот Полтон на ова додава:

„Најново е што во овој случај има драматичен напредок и се чини дека сега властите сега конечно ги признаваат убиствата на шестемина Пакистанци и еден Индиец, за разлика од поранешното намерно монтирање од страна на Министерството за внатрешни работи кое се обиде да ги поврзе таканаречените елементи на Ал-Каида со вооружените лица од редовите на АНА“.

Засега бавно се одвива и расветлувањето на случајот со судбината на 20-те лица исчезнати или киднапирани за време на конфликтот во 2001-та, вели претставникот на Амнести Интернешнал Хју Полтон.

По прашањето за шверцот со жени и деца кои подоцна се присилувани на проституција, тој вели дека ова е вообичаена појава за целиот регион, не само во Македонија. Во извештајот на Амнести е наведено дека се извршени бројни апсења и изречени обвиненија на лица одговорни за овие дела. Според американскиот Стејт департмент, во периодот од април 2002-ра до март 2003-та, во Македонија се покренати постапки против 100 наводни сторители, а казна затвор во траење од шест месеци до седум години е изречена на 11 лица. Г-динот Полтон само потврди дека македонските власти најпосле почнале серозно да му приоѓаат на овој проблем. Во изминативе две години има значителни подобрувања во однос на почитувањето на човековите права, заклучува тој, но на Македонија и претстои уште многу работа.

XS
SM
MD
LG