Претседателот Буш вчера се појави на Капитол Хил на разговори за политичката агенда со своите сопартијци републиканци, кои со тесно мнозинство ја имаат контролата врз обата дома на Конгресот. Оваа посета, што е негова ретка практика, се случува во атмосфера на загриженоста кај републиканците во однос на политиката на г-динот Буш во однос на Ирак и други прашања.
Како резултат на анкетите на јавното мислење кои покажуваат дека рејтингот на претседателот Буш изнесува 42 проценти, што е најнизок во текот на целото негово претседателствување, републиканците во Конгресот се загрижени дека намалувањето на поддршката за г-динот Буш би можело негативно да се одрази на нивниот политички успех на изборите во ноември.
Најголем дел од загриженоста е во однос на цената што САД ја плаќаат во Ирак, и во пари и во човечки животи, така што конгресмените почнуваат да го изразуваат своето незадоволство од политиката на администрацијата во однос ан ова прашање.
Некои републиканци ја критикуваа администрацијата за необразлжувањето на плановите за предавањето на власта во рацете на Ирачаните на 30 јуни.
Меѓу нив е и сенаторот од Охајо Џорџ Воинович, кој ова прашање го покрена на неодамнешното сослушување на заменик-секретарот за одбрана Пол Волфовиц во Сенатот.
„Луѓето ме прашуваат што ќе се случи на 1 јули. Јас им одговарам дека не сме сигурно што ќе се случи. Се надеваме дека ќе се случат некои работи. Само се прашувам дали сме биле искрени со американскиот народ, како што би требало да бидеме, за она во што ме ангажирани таму“, рече г-динот Воинович.
Но веројатно, прашањето кое предизвика поделба меѓу републиканците како никое друго досега, е скандалот со малтретирањето на ирачките затвореници. Многумина се загрижени за, како што го сметаат, неадекватниот одговор на администрацијата.
Ова е сенаторот Сузан Колинс од Мејн.
„Многу сум загрижена поради тоа што Пентагон не успеа да истапи и целосно да ја разоткрие оваа шокантна злоупотреба, да изрази загриженост и да објави итни, зајакнати корективни мерки. Верувам дека доколку ова се направеше, тоа ќе придонесеше поумерено да се прифати овој скандал во светот, особено во муслиманските заедници“, рече таа.
Но други републиканци не се согласуваат со тоа, истакнувајќи дека Пентагон веднаш по обелоденувањето на скандалот на почетокот на годинава, наредил истраги и секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд ги осудил злоупотребите.
Овие републиканци, меѓу кои и сенаторот Џејмс Инхоф од Оклахома велат дека премногу е сторено во врска со скандалот.
„Веројатно не сум единствениот на оваа маса кој е огорчен од ваквиот третман. Но, овие затвореници не се таму заради шверц. Доколку се наоѓаат во келиите во одделенијата еден А и еден Б, тие се убијци, терористи, бунтовници, многумина на рацете имаат американска крв. А ние сме толку многу загрижени за третманот на овие поединци“, вели сенаторот Инхоф.
Во услови на вака зголемени тензии, претседателот Буш се сретна со републиканците во Конгресот во обид да ги здружи. Тој не даде изјава за новинарите по средбата, но во негово име тоа го стори портпаролот Скот Мекклилан.
“Тој постојано контактира со членовте на Конгресот и ние заеднички работиме на нашата идентична агенда“, рече тој.
Конгресмените велат дека г-динот Буш бил оптимист за реизборот и дал оптимистички прогнози за економската ситуација.
Тие додаваат дека претседателот говорел за неговиот план за предавање на суверенитетот на привремена ирачка влада на 30 јуни и ги убедувал дека администрацијата е на вистинскиот пат во Ирак.
Следната недела, г-динот Буш ќе започне со серија говори, во кои детално ќе ја објасни транзицијата во Ирак.