Линкови за пристапност

Демократите во конгресот предлагаат бенефиции за илегалните странски работници во САД - 2004-05-10


Демократите во Конгресот неодамна ја претставија предлог-легислативата за ревизија на американскиот имиграционен систем што пружа можност работниците „на црно“ да станат легални американски граѓани. Планот е реакција на предлогот на претседателот Буш за воспоставување на обемна програма за легализирање на странските работници во САД.

Планот на демократите предвидува легализирање на статусот на работниците кои се без документи и кои во САД престојуваат најмалку пет години, а имаат најмалку двегодишен работен стаж. Предвидено е тие да поденасат барање за легализација на нивниот статус, при што ќе бидат подложени на медицински преглед, проверка дали биле осудувани во минатото, а еден од условите е и да имаат основно познавање на англискиот јазик.

Главен спонзор на предлог-законот во Сенатот е Едвард Кенеди од Масачусетс, а еден од неговите спонзори во Претставничкиот дом е Луис Гутиерез од Илиноис. Господин Гутиерез вели:

„Нашиот предлог-закон предвидува, доколку некој престојува во САД пет и повеќе години, работи и придонесувајќи со добро однесување, да може да биде целосен учесник во американскиот начин на живот. Предлог-законот практично носи порака дека не може повеќе да го игнорираме прашањето на милиони нелегални жители во нашата земја“, вели тој.

Предлогот на демократите предвивува и забрзување на, како што се наведува „реунификацијата на семејствата“, односно меѓу работниците „на црно“ кои живеат во САД и членовите на нивните најтесни семејства кои се во матичните држави. Згора на тоа, предвидено е и издавање на вкупно 350.000 привремени работни визи за нискоквалификувани работници кои би работеле на ниско платени работни места. Планот ја има поддршката на големиот синдикат на американските работници, AFL-CIO и многубројни групи за заштита на правата на имигрантите.

Конгресменот Гутиерез вели дека на Америка и е потребна проширена работа сила на која може да се потпре и оти имигрантите, дури и оние без документи, заслужуваат шанса за остварување на американскиот сон.

„Се работи за луѓето кои и се потребни на Америка. Со нив се среќавам секојдневно, тие раотат за минимална плата и се со несоодветна здравствена заштита. Но тие не се жалат. Тие само сакаат подобар живот за нивните деца. Тие ја сакаат Америка. Тие сакаат да бидат Американци. Америка треба да ги сака и да ги почитува, исто како што тие ја почитуваат Америка“, додава тој.

На почетокот на годинава, претседателот Буш предложи основање на програма со која привремено ќе се легализира статусот на милиони нелегални странски раотници. Но, оваа програма не гарантира постојан престој во САД, што, според критичарите од редовите на демократите, претставува пропуст.

И покрај се, се чини дека републиканците и демократите се согласуваат по едно прашање, а тоа е дека САД едноставно не можат да ги игнорираат милионите нелегални имигранти кои создале живот во оваа земја и се интегрален дел од домашната работна сила.

Но, не се сите задоволни од обата плана, особено од оној на демократите.

„Во суштина, тоа е план за отворени граници“, вели Џон Вахала, истражувач-соработник во Центарот за имиграциони студии, организација со седиште во Вашингтон која се залага за засилување на имиграционата контрола. Тој посочува дека во минатото, кога на нелагалните работници им била гарантирана амнестија, тоа резултирало во наплив на нови нелегални имигранти кои се обидувале да дојдат во САД и да ја искористат програмата, со што само се усложнил проблемот со амнестијата. Тој додава:

„Би било нелогично некој да се определи да појде по легални канали кога едноставно може да влезе во САД нелегално. Ние во моментов немаме ефикасни механизми против нелегалната имиграција и овој план само ќе ја поттикне истата“.

Конгресменот Гутиерез не се согласува со тоа, истакнувајќи дека со овој план ќе се елиминираат ограничувањата воведени од федералната влада за одредени земји, односно за граѓаните на тие земји кои чекале пет па и повеќе години за влез во САД преку легални канали. Тој признава оти битката за одобрување на овој план ќе биде жестока, имајќи предвид дека демократите се малцинство во Конгресот. Доколку и биде одобрен од Конгресот, предлогот мора да биде потпишан од претседателот Буш за да стапи на сила како закон.

XS
SM
MD
LG