Линкови за пристапност

Оптимистички прогнози за светската економија - 2004-04-16


Светската економија веројатно ќе постигне пораст над 3,5 проценти оваа година и речиси исто ниво идната година. САД, кои традиционално се моторот на глобалната економија, може да забележат пораст од 4,5 проценти годинава. Во 2005-та САД ги очекува помал пораст.

Овие бројки се изнесени во извештајот што вчера го објави Проектот ЛИНК, невладино истражување во кое учествуваат над 100 економисти од целиот свет. Неговиот основач, американскиот нобеловец за економија, Лоренс Клејн, вели дека стапката на пораст навидум не трпи големи последици од актуелните турбуленции во светот.

“И покрај многу турбулентната ситуација во светот - политичката, воената, дипломатската и економска ситуација, работите од економска гледна точка се малку подобри во краткорочна перспектива. Очекуваме 2004-та да биде подобра од 2003-та, а 2005-та да биде слична на 2004-та“, вели тој.

Господинот Клејн вели дека е особено охрабрен од развојот на новите економски гиганти во Азија, кои ги нарекува “нови центри на економска активност“.

“Овие земји не се нови, но ново е што стануваат економски лидери. Кина ја гледаме како гигант во Азија, но има уште еден, втората по големина земја во светот, Индија, со милијарда население, која постепено јакне се повеќе и повеќе’, смета господинот Клејн.

Кинеската економија веројатно ќе забележи стапка на пораст од осум проценти во наредните две години, предвидува Лоренс Кејн. Овој економист исто така посочува и на Русија, но напоменува дека руската економија во голема мера зависи од цените на нафтата и гасот, кои во моментов се на највисоко ниво во историјата.

Канѓанецот Питер Поли, исто така е економист од ЛИНК, напоменува дека дел од позитивната слика е и пресвртот во јапонската економија.

“Јапонија, по многу години стагнација, изминатата година добиваше на моќ и се чини дека на пат кон одржлив економски развој од 3 проценти, што е значителен пресврт за земјата, бидејќи таа повторно придонесува во светкиот растеж“, вели господинот Поли.

Групата економисти во ЛИНК посочува и на неколку слаби точки, меѓу кои и разочарувачките резултати на Европа. Европските економии имаат стапка на пораст што е за половина помлаку од онаа на Северна Америка, забележува господинот Поли.

На долгорочен план, во извештајот на ЛИНК се поставува прашањето дали САД ќе можат и натаму да бидат моторот на светската економија, со оглед на големиот дефицит. Во извештајот се наведува дека американскиот економски бум се храни од ресурси што се позајмени од остатокот на светот и заклучува дека овој “циклус на меѓузависност на САД со остатокот на светот веројатно нема да биде одржлив на подолго време“.

XS
SM
MD
LG