Џејн Харман, Демократ во Комисијата за разузнавање во Претставничкиот дом вели дека „Актот за трансформација на разузнавањето“ има за цел да се насочи начинот на кој се собираат информациите, на кој се анализираат и се споделуваат со владата.
„Денеска сме тука за да иницираме повик за акција. Проблемите за кои се обвинува американското разузнавање се многу сериозни и се потенцијална штета за американската национална безбедност, за заштитата на силите во Ирак, во Авганистан и на други места, и премногу се важни за да бидат одлагани“, вели госпоѓа Харман.
Покрај другите мерки, законодавците предлагаат нова позиција директор на националното разузнавање, кој би бил назначен од претседателот како негов главен советник за разузнавање.
Демократот од Флорида Алси Хастингс вели дека единствен начин за ефикасна борба во војната против теророт е да се намали бирократијата која оневозможува заедничка работа на околу 15 владини агенции.
„Многу дуплирање, премногу конкуренција, не доволна координација, недоволна соработка“, истакна Хастингс.
Госпоѓица Харман вели дека многу аспекти од планот произлегле од истрагата на заедничката Комисија на Претставничкиот дом и Сенатот за нападите на 11-ти септември.
Овој предлог-закон беше соопштен додека двопартиската Комисија за 11-ти септември продолжува со работа и се подготвува за долгоочекуваното сведочење на советничката за национална безбедност Кондолиза Рајс и сведочењето зад затворени врати на претседателот Буш и потпретседателот Чејни.
Демократите велат дека тие им го изнеле својот предлог на Републиканците кои се мнозинство во Претставничкиот дом, но одлучиле дека чекањето одговор од Републиканците или навестување за поддршка не е опција заради важноста на ова прашање за државата.
Демократите исто така ги истакнале своите предлози во писмо до претседателот Буш. Тие бараат од претседателот да ја држи на страна Белата куќа од сите одлуки за објавување на доверливи информации поврзани со нападите на 11-ти септември и од истрагата за проблемот со оружјето за масовно уништување.
Вчера законодавците слушнаа нови сведочења од претставници кои биле вклучени во војната против тероризмот, за натамошните закани од терористичката организација Ал-Каида.
Кофер Блек, шеф за анти-тероризам во Стејт департментот, кажа дека бомбашките напади во Мадрид ја покажале определбата на Ал-Каида за убиства на Американци и сите други вклучени во војната против теророт.
„Ал-Каида е определена да ги напаѓа САД, нашите сојузници и интереси секаде каде што може, употребувајќи најдеструктивни средства што им се на располагање. Не се сомневам дека ал-Каида би употребила неконвенционално оружје доколку го има и има можност тоа да го стори“, вели господинот Блек.
Тој кажа дека лекцијата од Мадрид, како и нападите во други земји, е дека „ниту една земја не е безбедна од тероризмот“.
Опишувајќи го Ирак како цел на она што го нарече „странски борци за џихад“, господинот Блек кажа дека САД и сојузничките сили агресивно дејствуваат за да обезбедат Ал-Каида и другите терористички групи да не можат да го претворат Ирак во нов терен за обука или засолниште.