Линкови за пристапност

Ричард Кларк: Заканата од тероризмот за администрацијата на Буш беше важно, но не и итно прашање - 2004-03-25


Г-динот Кларк, поранешен национален координатор за антитероризам во Белата куќа, своето сведочење пред членовите на комисијата го започна со извинување до присутните кои изгубиле членови на своите семејства во септемвриските терористички напади.

„Вашата влада ве изневери. Оние кои беа задолжени да ве заштитат, ве изневерија, и јас ве изневерив. Многу се трудевме, но тоа не значи ништо, бидејќи не успеавме во тоа“, рече тој.

Г-динот Кларк беше главен претставник за антитероризам во администрациите на последните четворица американски претседатели.

Тој на членовите на комисијата им кажа дека борбата против тероризмот била исклучтелно висок приоритет за администрацијата на Клинтон, но не се сметала за итен проблем во првите месеци од администрацијата на Буш, пред нападите во Њујорк и Вашингтон.

„Уверен сум дека администрацијата на Буш во првите осум месеци го сметаше тероризмот за важно прашање, но не и за итно“, истакна г-динот Кларк.

Тој исто така ја критикуваше одлуката на претседателот Буш за инвазија на Ирак, истакнувајќи дека тоа негативно се одразило на војната против тероризмот.

Сведочењето на г-динот Кларк со нетрпение се очекуваше поради серијата интервјуа и неодамнешното објавување на неговата книга во која го обвинува претседателот Буш дека пред нападите на 11 септември посветувал многу малку внимание на терористичката организација Ал-Каида, а потоа премногу се фокусирал на нивната можна поврзаност со Ирак.

Белата куќа возврати со контра офанзива, сугерирајќи дека критиките на г-динот Кларк во оваа изборна година се политички мотивирани. Портпаролот на Белата куќа Скот Мекклилан изјави дека Кларк како поранешен координатор за антитероризам, ја поддржувал политиката на претседателот Буш по нападите на 11 септември. Г-динот Мекклилан рече дека фактите не ги поткрепуваат изјавите на г-динот Кларк дека администрацијата ја игнорирала заканата од Ал-Каида, бидејќи се фокусирала на Ирак.

„Непосредно по нападите од 11 септември приоритет беше Авганистан и гонењето на Талебан и Ал-Каида“, истакна портпаролот Мекклилан.

Американскиот заменик државен секретар Ричард Армитаџ, кој, како и г-нот Кларк, сведочеше пред Комисијата, кажа дека контра-тероризмот бил ургентно прашање за администрацијата на Буш на почетокот на 2001 година. Сепак, тој додаде дека официјалните лица не делувале доволно брзо по септемврискиоте напади. Директорот на Централната разузнавачка агенција Џорџ Тенет во своето сведочење подвлече дека во неделите непосредно пред терористичките напади во Њујорк и Вашингтон е забележана поголема активност на американските извори на разузнавачки информации. Но, како што кажа, на предупредувањата од терористички напади од овие извори им недостасувале конкретни детали кога и каде тие ќе се случат. Г-динот Тенет, кој на оваа функција се наоѓа уште од администрацијата на Клинтон, е на мислење дека и поранешниот и сегашниот претседател посветувале посебно внимание на заканата од тероризмот.

Работната група, која ги истражува разузнавачките грешки пред нападите од 11 септември се очекува конечниот извештај да го објави во јули годинава.

XS
SM
MD
LG