Линкови за пристапност

ОН упатија апел за итна хуманитарна помош за Хаити  - 2004-03-09


ОН бараат од донаторите да обезбедат 35 милиони долари како помош за Хаиќаните, во услови на политички хаос и насилство, со што земјата се соочува веќе еден месец. Со овие средства ќе се обезбеди хуманитарна помош за шест месеци и ќе им се помогне на околу три милиони лица, главно жени и деца чии дневни потреби зависат од помошта во храна.

Приливот на хуманитарна помош на Хаити беше прекинат пред повеќе од еден месец, посебно во северниот дел на земјата, каде експертите на ОН велат дека таа е најмногу потребна. Конвоите на ОН со помош во храна беа напаѓани и ограбувани, додека вооружените банди и бунтовници заземаа територија и го блокираа главниот автопат север-југ.

Претставници на ОН велат дека планираат следната недела во северниот дел да биде испратен мал конвој со храна. Ги Гавро, директор на Светската програма за храна на Хаити истакнува дека би сакал некои од мултнационалните сили на Хаити да ги пренасочат своите приоритети кон обезбедување на хуманитарните активности.

„Ние сме загрижени поради тоа што хуманитарниот коридор не се смета за главен приоритет на војската. Тие имаат други приоритети, како што е обезбедување на главниот град. Доколку не допреме до населението, ситуацијата само ќе се влошува“, вели господинот Гавро.

Претставници на ОН додаваат дека разговараат со командантите на мултинационалните сили и оти се оптимисти дека овие трупи наскоро ќе можат да помогнат во хуманитарните операции.

Командантите на мултинационалните сили на Хаити изјавуваат дека нивен главен приоритет во моментов е помошта на националната полиција на Хаити во воспоставување на безбедност во главниот град, кој две недели беше цел на жестоки насилства и грабежи. Тие велат дека само кога оваа цел ќе биде постигната, тие ќе бидат во состојба да им помогнат на хуманитарните агенции во доставувањето на хуманитарната помош.

XS
SM
MD
LG