Студијата на Организацијата со седиште во Париз индицира дека индустријализираните земји и натаму имаат рекордно висок прилив на имигранти, тренд што започна на почетокот на 90-те години, кога светската економија се наоѓаше на завидно ниво. Денес, многу земји се уште се опоравуваат од неодамнешното економско забавување.
Но, ова не го спречи поголемиот дел од 30-те земји-членки на Организацијата за економска соработка и развој, активно да регрутираат странци, а понекогаш и да донесуваат нови проимигрантски закони. Некои од најголемите зголемување во имиграцијата се забележани во САД, Швајцарија, Франција и Нов Зеланд. Џон Мартин кој е директор за вработување и социјална политика во Организацијата објаснува зошто е ова така.
“Мислам дека има бројни фактори што се во функција. Еден е, секако, што со силната економија во втората половина на 90-те и со стареење на популацијата во развиените земји, многу од тие држави имаа потреба од увезување нова странска работна сила. Во суштина овде е ставен акцентот во изминативе неколку години, при што се прави обид за регрутирање на поискусни имигрантски работници, за да се пополни недостатокот на работна сила во одредени сектори“, смета господинот Мартин.
Но повеќето имигранти во странство доаѓаат за да се придружат на членови на нивното семејство или поради проблеми со човековите права во нивните земји. Овие имигранти, се наведува во извештајот, не мора да значи дека се особено искусни. Освен тоа, постарите работници, жените и младите особено, имаат тешкотии да се асимилираат во новите средини.
Организацијата за економска соработка и развој вели дека во изминативе неколку години во миграцијата има промена и во однос на географското потекло. Повеќе имигранти сега доаѓаат од Азија, од источна Европа и од земјите од поранешниот Советски Сојуз.
Многу земји во развој стравуваат од таканаречениот одлив на мозоци. Некои од најдобрите и најхрабри граѓани заминуваат од нивните земји за добро платени рабтни места во странство. Но, како што се вели во извештајот на Организацијата, реалноста е многу посложена.
Г-динот Мартин вели дека примерот за здравствените работници од Јужна Африка кои заминуваат за работни места во Британија или САД е потврда за ваквото сознание.
“Оние професионалци кои заминале во земјите од Организацијата за економска соработка и развој, во јужноафриканскиот здравствен систем се заменети со професиналци од здравството од соседните земји на регионот на Суб-сахарска Африка“, вели господинот Мартин.
Во меѓувреме, странските работници испраќаат дома и пари. Во одредени случаи, вели г-динот Мартин, ова сосема го побива и надминува приходот од помошта од странство.