Линкови за пристапност

Престојното проширување на ЕУ покрена прашања за тоа колкава воопшто треба да биде експанзијата    - 2004-01-19


Со проширувањето оваа година, населението во Унијата ќе се зголеми за уште 75 милиони, од кои само Полска има 39 милиони жители. Другите нови држави се Чешката република, Словачка, Унгарија и Словенија, трите балтички земји – Естонија, Латвија и Литванија, како и медитеранските острови Кипар и Малта.

Новите членки изодеа голем пат во трансформацијата од централизирани економии во слободни пазари за само една деценија, и усогласија стотици илјади страници од законите и правилата на ЕУ со сопствените закони.

Но, и натаму е неизвесно како да се извршат реформи на институциите што чкрипат во самата ЕУ, за да се обезбеди дека механизмот на донесување на одлуки во Унијата нема да се закочи кога таа ќе се прошири на 25 членки.

Самитот на ЕУ во декември, на кој требаше да се постигне согласност околу уставот на Унијата, не успеа, пред се поради несогласувањата во врска со пропорционалното право на глас, а има и малку надеж дека тоа наскоро ќе биде надминато.

Сега Унијата мора да почне да се бори со тешкото прашање што да стори со Турција, која бара датум за почеток на преговори за пристапување, 40 години откако по првпат аплицираше за членство. Ова прашање, судејќи по сите наговестувања, ќе биде исто толку спорно и жешко како и она за уставот.

Тука е и проблемот со Кипар, чиј северен дел и натаму е окупиран од турските сили. Претседателот на Европската Комисија, Романо Проди дипломатски најавува дека решението на поделбата на Кипар не е предуслов за почеток на преговорите за пристапување со Турција, но дека би било од помош за турските аспирации за членство.

ЕУ има променлив став за кандидатурата на Турција веќе со години. Конзервативците во земјите како Франција, Германија и Италија не се чувствуваат пријатно во нивно друштво да влезе муслиманска држава. Многумина Европејци исто така стравуваат и од големината на Турција. До влегувањето во Унијата се предвидува дека Турција ќе стане најнаселената земја во ЕУ и оттаму ќе има повеќе гласови од која и да е друга членка. А, како најсиромашна и рурална, таа ќе добие најголем дел од европските средства за помош.

Поранешниот француски претседател Валери Жискар Д`Естен вели дека Турција воопшто не е европска земја, затоа што поголем дел од нејзината територија е во Азија. Но што е Европа? И кој е Европеец? Професорот Џером Шеридан од Бриселскиот центар на Американскиот Универзитет дава вакво гледиште:

„Европа е политички концепт, а не географски. Пристапувањето на Кипар во ЕУ дефинитивно го покажува тоа. Најблиски соседи на Кипар се Турција и Либан. Оттаму, ако Кипар може да биде дел од ЕУ, не можете веќе да докажувате дека Турција не може да биде членка“, вели господинот Шеридан.

Аналитичарот Хедер Грејб од Лондонскиот Центар за европски реформи вели дека прашањето каде завршуваат европските граници е двозначно.

„Начинот на кој ЕУ се обидува тоа да го дефинира е повеќе нешто како една заедница на вредности. Ако може да ги постигнете нашите вредности, а и географски сте блиску до Европа, тогаш, веројатно можете да аплицирате за членство. Но, тоа отвора многу сериозни дилеми. Дали Турција е во Европа, тоа е прашање што го поставуваат многу Европејци иако ЕУ во основа и вети на Турција дека на крајот ќе стане членка“, вели Грејб.

Европската Комисија има децидно кажано дека без оглед на судбината на турската кандидатура, обединувањето на Европа нема да биде комплетно се додека во Унијата не влезат балканските земји. Но, државите на јужниот и источниот медитерански брег се исклучени како врз географска основа, така и затоа што повеќето не ги исполнуваат строгите стандарди на ЕУ за демократија и човекови права.

Источно од Турција се трите кавкаски републики, Ерменија, Грузија и Азербејџан. Европските интереси во оваа област се засилија по минатогодишната “кадифена револуција“ во Грузија. Професорот Шеридан вели дека жителите на овие држави со кои разговарал, апсолутно се уверени дека се Европејци и дека евентуално треба да станат дел од Унијата, макар за тоа да им требаат и 20 години.

„Европа е менталитет. Тоа е состојба на умот. Тоа е начин на справување со меѓународните односи. И кога ќе станете член на ЕУ, станувате како земјите на Запад. Затоа, сметам дека Европа може да продолжи да се проширува на исток, обезбедувајќи земјите што доаѓаат да изгледаат како оние во ЕУ уште сега, во смисла на нивната политичка култура. Ова е екстремно долгорочен процес“, истакнува професорот Шеридан.

Ако тој е во право, ЕУ ќе продолжи да се проширува, се додека има политичка волја за тоа, и се додека земјите што сакат да и се придружат се однесуваат како актуелните членки на Унијата.

XS
SM
MD
LG