Линкови за пристапност

Потврден првиот случај на кравјо лудило во САД  - 2003-12-26


Американскиот Оддел за земјоделство соопшти дека новите лабораториски тестирања ја потврдиле појавата на првиот случај на тнр. кравјо лудило во земјата. Вчерашното соопштение уследи откако над 20 земји во светот го забранија увозот на американско говедско месо, од здравствени причини.

Американскиот Оддел за земјоделство вели дека тестирањата спроведени од страна на британски експерти ги потврдиле претходните анализи на американските научници за кравата од една фарма за млечни производи во федералната држава Вашингтон.

Одделот соопшти дека британската лабораторија ќе спроведе конечни тестирања за потврда на сопствените заклучоци, дека кравата имала Бовин спонгиоформен енцефалит, или атрофија на мозокот, уште позната како кравјо лудило. Американскиот Оддел за земјоделство очекува конечните резултати целосно да се поклопат со досега направените тестирања.

Кравите вообичаено заболуваат откако ќе изедат храна што содржи животински делови инфицирани со енцефалитот, посебно слезенка и мозок. Човекот може да се зарази со смртоносна форма на Бовин спонгиоформен енцефалит, позната како Кројцфелд Јакобова болест, преку јадење на заразено месо.

Од Кројцфелд-Јакобовата болест, од нејзиното откривање во Британија во 1986 година, досега во светот починале над 100 лица.

Американските претставници изјавуваат дека се обидуваат да го пронајдат изворот на инфекцијата и да утврдат дали има и други заразени крави и говеда со оваа болест. Американскиот секретар за земјоделство Ен Венеман, која во вторникот ги објави резултатите од првичните тестирања, вели дека залихите од храна во земјата се безбедни и оти ризикот по човечкото здравје е минимален.

Над 20 земји досега, меѓу кои и трите најголеми увозници на американско говедско месо - Јапонија, Мексико и Јужна Кореја, го забранија увозот.

Но, научниците укажуваат на тоа дека користењето на храна која содржи животински делови во САД е забрането уште од 1997 година. Тие додаваат дека фактот што кравата можела да се зарази и покрај забраната, укажува на неефикасноста на владините обиди за заштита на добиточната храна.

За секој случај, претставници на американското земјоделство наредија повлекување на 4.700 килограми месо кое потекнува од истата фарма од каде што е заболената крава.

XS
SM
MD
LG