Оваа одлука на Пентагон би можела да значи дека Франција, Русија и Германија, трите земји кои со децении имаат свои компании во Ирак, би можекле да изгубат стотици милиони долари од проектите за реконструкција на Ирак. Овој чекор Германија го нарече неприфатлив. Русија се заканува дека нема да го отпише ирачкиот долг за реконструкција, додека Канада ја разгледува можноста за целосно прекинување на новата помош за Ирак.
Пол Мартин е новиот иден премиер на Канада.
“Ја разбирам важноста на ваквите видови договори. Но, мислам дека тоа не треба да се однесува само на тоа кој ги добива договорите, и кој го добива бизнисот. Тоа треба да се гледа од аспект што е најдобро за ирачкиот народ“, кажа господинот Мартин.
Спорот започна со наредбата издадена од заменик-секретарот за одбрана Пол Волфовиц за ограничување на конкуренцијата за лукративните договори за обнова на Ирак на американски компании или на компаниите од земјите-членки на колаицијата или оние кои учествуваат со свои трупи во Ирак. Во документот со датум од 5 декември, тој вели дека негова цел е да поттикне што повеќе земји да се вклучат во коалицијата- она што го бара администрацијата на Буш во што има мал успех.
“Почувствувавме дека добивме директен удар и сега тој удар го возвраќаме“, Вака вели Ричард Марфи, поранешен американски помошник-државен секретар за Блискиот исток.
“На тоа гледам како на мал акт на одмазда од наша страна за недоволната соработка од страна на другите земји“, смета Марфи.
На почетокот на годинава, државниот секретар Колин Пауел ги предупреди европските земји кои се противеа на тогаш започнатата војна во Ирак дека се можни последици доколку го употребат своето право на глас во ОН да ја блокираат поддршката за инвазијата за соборување на Садам Хусеин. Но потегот на заменик-секретарот за одбрана Пол Волфовиц е првпат висок член на администрацијата на Буш отворено да го оствари таквото предупредување.
Портпаролот на Белата куќа Скот Меклилан енергично ја брани одлуката, нарекувајќи ја соодветна.
“Оние земји кои соработуваат со САД и со свои трупи придонесуваат во напорите во Ирак ќе бидат оние што ќе можат да ги добијат најважните договори. Тука зборуваме за парите на американските даночни обврзници“, изјави портпаролот Меклилан.
Сите најголемите компании кои во Ирак работат по започнувањето на војната се американски, а критичарите обвинуваат дека договорите биле давани како награда на донаторите на Буш и без конкуренција.
Франција и Германија беа меѓу земјите кои одбија да дадат средства за обновата на Ирак на донаторската конференција во Мадрид во октомври и исто така одбија да испратат свои трупи.
Американската влада вели дека кои земјите сакаат да имаат улога во Ирак, но кои се исклучени од конкуренцијата за добивање на договори за реконструкција на Ирак со најновиот потег, тоа можат да го сторат со испраќање трупи или со донирање помош. ЕУ, пак, отвора спор за да види дали американската забрана за добивање договори во Ирак ги прекршува правилата на светската трговија.